Вести
Онколози од Скопје почнаа со прегледи во Битола

Доктори од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија почнаа да прават консултативни прегледи во одделот за онкологија во Клиничката болница во Битола на барање на таа јавна здравствена установи.
Идната недела такви прегледи ќе прават и во Клиничката болница во Тетово - изјави директорот на УК за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски.
„Еден колега веќе отиде, а една колешка е отидена денеска. Планираме и следниот петок да оди уште една колешка од различни патологии. Во прво време тие одат за консултативни прегледи. Покрај Клиничката болница во Битола, има барање и од Клиничката болница во Тетово, каде доктори ќе одат идната недела. Тие се таму еден или два дена“, рече д-р Стојковски.
Тој најави дека пациентите ќе бидат навремено информирани за тоа кои доктори ќе одат и која патологија ќе ја покриваат, па наместо да доаѓаат во Скопје ќе можат со нив да се консултираат во местото на живеење.
Посочи дека во прво време тоа ќе биде во форма на консултативни прегледи, а потоа зависно од инфраструктурата и можностите на клиничките болници во Битола и Тетово, ќе почне да се аплицира и некоја специфична онколошка терапија.
„Се планира и други болници да бидат опфатени, уште разговараме, бидејќи некои од нив немаат соодветна инфраструктура. За да доаѓа некој специјалист од Скопје треба да има и соодветна инфраструктура во смисла на дневна болници, просторија за прегледи...“, додаде д-р Стојковски.
Прашан кога онколошките пациенти ќе можат да ја подигнуваат терапијата во аптека во местото на живеење, рече дека за хроничната таблетарна терапија која ја користат пациентите со хормонски зависен канцер на дојка, идната недела или неделата по неа, на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување треба да се усвои одлука, потоа се објавува во соодветни правилници, по што пациентите ќе можат да ја подигнуваат во аптеките.
„Со извештај од специјалист онколог, матичниот лекар пишува рецепт и пациентот ќе моќе да ја подигне терапијата во аптека. Работиме и на протоколите за апликација на терапија во другите центри што ќе бидат дисперзирани и се надевам дека и нив ќе ги завршиме“, појасни д-р Стојковски.
Досега пријавени околу 400 лица за превенција од пожари

Околу 400 кандидати се пријавиле на јавниот повик на Владата за ангажман на граѓани за превенција на пожарите, а рокот за пријава е продолжен за уште прет дена.
Раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов денеска (18 јули) на прес конференција изјави дека еден од основните услови е лицата кои се пријавуваат да бидат регистрирани како активни баратели на работа.
„За жал, нам ни се пријавија повеќе луѓе вклучително и кај мене лично, но и во нашите институции, лица кои не се пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа или работат на други места, но се заинтересирани да се вклучат во оваа мерка. Од овие причини овие лица не можат да се приклучат кон оваа мерка“, образложи Ангелов.
Тој појасни дека оние лица кои не се активни баратели на работа имаат време и можат да се пријават во АВСРМ и потоа да отидат во најблискиот Центар за вработување и да поднесат соодветна апликација.
Притоа лицата треба со себе да носат и лекарска потврда издадена од матичниот лекар во која се наведува дека немаат сериозни болести, кои би пречеле во извршување на работните задачи.
„Да, примањата се навистина ниски, но овие примања се како една мала награда која би им се дала за време на селекцијата на која тие би присуствувале. Нашата намера е лицата кои ќе се пријават да добијат униформа и опрема, да поминат неколкудневна обука и потоа оние кои ги исполнуваат основните услови да бидат вклучени во полесни пожари, вклучително гаснење пожар на тревни површини“, додаде Ангелов.
Можност за вработување во територијалните противпожарни единици
Според него, оние кои понатаму би се покажале како похрабри и поподготвени, би имале можност да бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици (ТППЕ).
Од најдобрите, особено во скопскиот регион, како што рече, ќе се одберат лицата кои ќе станат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која веќе е во фаза на формирање.
Ангелов информира дека најмал интерес за оваа мерка има во Скопско, а е предвидено ангажирање на 80 лица. Во останатите градови има поголем интерес.
За мерката за ангажирање на 400 лица, пред сѐ, во создавањето на противпожарните појаси, Владата информираше на 07. јули.
Владината портпаролка, Марија Митева на прес конференција соопшти дека секој ангажиран учесник ќе добива финансиска поддршка од 24.000 денари.
Во понеделникот пак, на 14. јули пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе амандман за зголемување на буџетските средства за противпожарна заштита во износ од 500 милиони денари.
Пратеничката, Сања Лукаревска тогаш од собраниската говорница истакна дека законот предвидува да има еден пожарникар на 1.500 жители.
„Врз основа на оваа математика има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми. А се провлекува, исто така, и проблемот со возила и со опрема“, рече Лукаревска, додавајќи дека дел од пожарникарите работат со стари возила, некаде и од 50-тата година и со стара опрема, а не постои ниту соодветен тренинг-центар за обука на новите и старите пожарникари.
Амандманот за пожарникарите сепак не беше изгласан. Односно, како што рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска никој не гласал „против“, но и никој не гласал „за“.
„Не знам колку се во тек колегите од СДСМ, ДУИ и Левица дека веќе е во тек план за вработување на 400 пожарникари, дека е во полна кондиција сè што се однесува на опрема на оваа Влада за справување со пожарите. Факт е дека и најмалиот и најголемиот пожар, и по зафатнина и по моќност, не траел повеќе од 12 часа“, истакна Стојаноска.
ЦУК: Изгаснати 28 пожари
Во текот на последното деноноќие изгаснати се вкупно 28 пожари.
„Активен е само пожарот во село Нивичино, општина Василево, каде гори нискостеблеста шума. Добивме информација за почнат пожар меѓу селата Ракле и Никодин, Прилепско“, соопшти на денешната прес-конференција Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според неа, под контрола се ставени пожарите во општина Велес, селата Џидимирци, Крушје и Иванковци, во дојранското село Николиќ, во општина Демир Хисар и во општина Македонски Брод, меѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа.
Таа информираше дека оние пожари кои се појавија вчера попладне, како резулатат на силен ветер и искрење од жици, во општините Куманово, Старо Нагоричане, на територија на Град Скопје, Струга, Демир Хисар и Битола, сите се целосно изгаснати.
Вработените од „Флораком“ на протест поради неисплатена плата

Вработените од „Флораком“ која е фирма ќерка на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска (18 јули) протестираа пред влезот на јавното претпријатие и блокираа раскрсница на булеварот „Илинденска“ поради неисплатена плата за месец јуни и останати надоместоци.
Тие изјавија дека доколку до 22 јули не им биде исплатена платата за месец јуни повторно ќе ја блокираат раскрсницата.
Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски рече дека по одржаниот протест на 10 јули се одлучиле за радикализација на нивните протести преку блокирање на влезот на ЈП „Паркови и зеленило“ и „Флораком“.
Тој тврди дека вработените во „Флораком“ веќе подолг период се соочуваат со нередовна исплата на плати, не им е исплатено здравствено и пензиско осигурување.
„Се соочуваме со проблем поголем број од работниците кои се хронични болни да не можат и својата редовна терапија да ја земат. Покрај нашите писмени известувања, барања да се сретнеме со менаџментот за надминување на проблемот, за жал, нема слух од таа страна“, посочи Кашиковски.
Тој рече дека на 10 јули имале кратка средба со менаџментот, на која им било ветено дека до 15 јули ќе биде исплатена плата за мај.
„За жал до 15 јули како што беше ветено таа не беше исплатена. После најавата за овој протест во текот на вчерашниот ден повторно под притисок беше исплатена една плата. Вработените од „Флораком“ ја немаат земено платата за месец јуни. Законскиот рок беше 15 јули“, рече Кашиковски.
Покрај овие проблеми, посочи тој, вработените во „Флораком“, „Паркови и зеленило“ и „Луна“, фирма ќерка на „Паркови и зеленило“ ги немаат земено останатите надоместоци кои следуваат согласно Колективниот договор, односно не е испочитувана спогодбата за исплата на регрес за годишен одмор, не е исплатен новогодишен додаток.
Воедно, додава тој, цело време има ветување од страна на менаџментот дека тоа ќе се среди на рати, но веќе шест месец тоа не е исполнето.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кои се причините за неисплаќање на платата и што им е кажано од страна на менаџментот Кашиковски рече дека им биле дадени различни образложенија, но знаат дека од страна на Град Скопје редовно се дават субвенции, а вработените редовно ги извршуваат своите обврски. Значи, појасни тој, налозите кои пристигнуваат за подигање расади, садници од страна на „Паркови и зеленило“ се исполнети од вработените, меѓутоа фактурите по тие налози не се исплатени.
„Причината не ја знаеме, таа треба да се побара кај менаџметот и во Град Скопје. На наше инсистирање во последните шест месеци во повеќе наврати писмено и телефонски се обидовме да оствариме контакт со менаџментот и имавме само една средба“, додаде Кашиковски.
Трамп бара објавување на документите од големата порота во случајот на Епштајн

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе побара од судот да дозволи објавување на сведочењата од големата порота во случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн.
„Врз основа на апсурдната количина публицитет што му беше даден на Џефри Епштајн, ја замолив државната обвинителка Пам Бонди да ги достави сите релевантни сведочења пред Големата порота, под услов судот да одобри“, рече Трамп.
Кратко по неговата изјава, Бонди напиша на X Network дека Министерството за правда е подготвено да побара од судот да ги стави на располагање транскриптите од судењето пред големата порота.
Некои поддржувачи на Трамп го доведоа во прашање случајот на Епштајн откако Министерството за правда заклучи претходно овој месец дека нема докази за долготраен терористички заговор за неговите клиенти и смртните случаи во затвор во 2019 година. Тие побараа да се објават повеќе информации за случајот, предизвикувајќи редок раскол меѓу базата на Трамп.
Одлуката на Трамп доаѓа откако тој рече дека ќе го тужи Волстрит џурнал (WSJ) поради статија во која се тврдеше дека „непристојна“ честитка за роденден со неговото име му била испратена на Епштајн во 2003 година, пред Епштајн да биде обвинет за сексуални злосторства. Трамп вели дека писмото е лажно.
Според WSJ, писмото било дел од колекцијата роденденски честитки составена од соработничката на Епштајн, Гислајн Максвел. Таа беше осудена на 20 години затвор во 2021 година за помагање на Епштајн во трговија со деца за сексуална експлоатација.
Смртта на Епштајн во затвор во 2019 година, додека чекаше федерално судење, официјално беше прогласена за самоубиство.
Неговото име беше поврзано со многу познати личности, вклучувајќи го и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, како и британскиот принц Ендру.
Епштајн првично беше уапсен во Флорида во 2005 година по обвинувањата дека платил на 14-годишно девојче за секс. Десетици други опишаа дека биле сексуално злоставувани од Епштајн. Во 2008 година, Епштајн постигна договор за признавање на вина и тајно се изјасни за виновен по една точка, а потоа отслужи 13 месеци во затворска програма што му овозможи да продолжи да работи.
Но, во 2019 година, Епштајн ќе биде обвинет за трговија со луѓе во Њујорк. Тој е обвинет дека им плаќал на девојчиња под 18 години да вршат сексуални дејствија во неговите домови во Њујорк, Флорида, и на неговиот приватен остров помеѓу 2002 и 2005 година.
Доколку беше осуден, ќе беше осуден на 45 години затвор.
ЕУ одобри нов пакет санкции против Русија

Европската Унија одобри нов пакет санкции против Русија поради војната во Украина, вклучувајќи и намалување на ценовниот лимит за извоз на руската нафта.
„ЕУ штотуку го одобри еден од своите најсилни пакети на санкции против Русија досега“, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.
„Ќе продолжиме да ја зголемуваме цената, за да може единствена опција за Москва да биде запирањето на агресијата“, додаде Калас.
Усвојувањето на санкциите го поздрави и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен:
„Ѝ удираме директно во срце на руската воена машина, со тоа што ги таргетираме банкарскиот, воениот и енергетскиот сектор и вклучуваме ново динамично ограничување на цените на нафтата“.
Како што објави Ројтерс, најновиот пакет санкции вклучува намалување на ценовниот лимит за Г7 групата за руската сирова нафта на 47,6 долари по барел.
Оваа мерка е дел од иницијативата на Г7 со цел да се ограничи приходот на Русија од извозот на нафта ширум светот.
Ценовното ограничување, утврдено од Г7 на 60 долари за барел во 2022 година, им забранува на компаниите за превоз и осигурување да учествуваат во извозот на руска нафта по повисоки цени.
Санкциите вклучуваат и забрана за трансакции со гасоводот „Северен поток“ и таргетирање на бродови кои се дел од таканаречената „флота во сенка“ на Русија, бродови за кои се верува дека ги заобиколуваат санкциите на ЕУ со тоа што превезуваат претежно руска нафта. Иако рускиот гас во моментов не тече низ двата гасоводи „Северен поток“ во Балтичкото Море што ја поврзуваат Русија со Германија, потегот за забрана на трансакциите има за цел да го спречи потенцијалното продолжување на таквите испораки.
Ова е осумнаесеттиот пакет економски мерки против Москва откако започна инвазијата во 2022 година, а беше усвоен откако Словачка ја укина блокадата што траеше неколку недели, по преговорите со Брисел за одделни планови за постепено укинување на увозот на руски гас.
Партиски вработувања повторно ја брануваат М-НАВ

Обвинувања за нови партиски вработувања повторно ја брануваат компанијата Македонска навигација (М-НАВ) откако во јавноста излегоа информации дека на оглас за вработување се примени луѓе блиски до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот СДСМ побара итно да се поништи спорниот оглас и да се вратат професионалните критериуми за вработување, а да има и „оставки од сите кои го овозможија овој срам“.
И социјалдемократите преку соопштение реагираат на лицата за кои претходно повеќе медиуми објавија дека се нововработени во М-НАВ.
„Избрани се лица кои од квалификации единствено имаат партиска книшка. Во М-НАВ, место професионалци кои знаат англиски и имаат стручни лиценци, ВМРО-ДПМНЕ вработува, сопруг на директорка на Централен регистар, сопруга на Игор Југ — осуден за нападот на Собранието на 27 април и потпретседател на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ“, реагираа од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, исто така се јави со реакција. Но, не ги демантираше вработувањата туку ја обвини претходната власт дека таа вршела партизација на Македонската навигација.
„СДС и ДУИ ја претворија М-НАВ во партиска филијала напикаа роднини, деца, внуци и коалициски партнери за плати неколкупати поголеми од просечните. За време на СДС и ДУИ само што не настана огромен безбедносен проблем, откако контролорите за летање беа тепани од активисти на ДУИ“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.
Во јуни, поради партиски вработувања контролорите на летање во М-НАВ се заканија со штрајк.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) бараше да се поништи последниот оглас за нови вработувања и да се испочитуваат обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк.
Првично најавија дека ќе штрајкуваат од 10 јули, но дента кога требаше да отпочне штрајкот од синдикатот соопштија дека одлуката ја ставаат во мирување бидејќи имало придвижување во исполнувањето на нивните барања. Меѓу барањата беа да се вработи кадар каков што навистина е потребен во М-НАВ односно контролори на летање, како и да се направи функционална анализа со која ќе се определи кои се работните места и бројот на извршители што треба да постојат во компанијата.
Собранието ја изгласа ратификацијата на Договорот за стратешка соработка со Унгарија

Со 60 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ пратениците во македонското Собрание денеска, 17 јули, го изгласаа Законот за ратификација на Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Унгарија.
Координаторот на пратеничката група на најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во обраќањето на собраниската седница оцени дека договорот треба да се поздрави како „како чекор во вистинска насока, насока на конкретна надворешна политика, продуктивна економска дипломатија и визионерска посветеност кон иднината на државата“.
Според власта, договорот е јасна порака дека Северна Македонија гради „стабилни, долгорочни и доверливи партнерства со вистински пријатели“.
„Партнерството ќе овозможи унапредување на соработката во многу важни сфери – инфраструктура, енергетика, транспорт, информатичка технологија, сајбер безбедност и одбрана. Овие области се двигател на секој сериозен развој и гаранција за економска и безбедносна стабилност, што е од особено значење во моменталната геополитичка состојба во Европа. Договорот нуди можности за домашната економија преку активно вклучување на македонскиот приватен сектор и внесување на странски инвеститори во реализацијата на стратешките проекти“, рече пратеникот Мицевски.
Договорот за стратешко партнерство со Унгарија, беше потпишан на 13 јуни за време на официјалната посета на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто на Скопје, чиј домаќин беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
ВМРО-ДПМНЕ важи за блиска со унгарската владејачка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан и беа сестрински партии во Европската народна партија. По враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија во мај лани, покрај потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство, владите на двете земји досега одржаа и две меѓувладини седници – едната во септември 2024 во Охрид, а другата во Будимпешта во март 2025 г.
Владата предводена од Христијан Мицкоски се задолжи и со кредит од една милијарда евра од Унгарија. Половина од милијардата беше земена со цел раздолжување на еврообврзница, додека 250 илјади евра беа наменети за поддршка на бизнис секторот, а останатите 250 илјади за проекти во општините.
Опозицскиот СДСМ, пак, обвинуваше дека тоа е најлошиот можен договор за кредит со скриени трошоци, премиерот Мицкоски го прозиваше дека станува најголем „поданик на Унгарија“, а изразуваше и сомнежи дека ова задолжување ќе се рефлектира и со унгарско влијание врз политичките одлуки во Северна Македонија и стратешката ориентација на земјата.
Во Косово уапсен полицаец под сомнение дека бил шпион на српските разузнавачки служби

Во заедничка операција на безбедносните служби во Косово уапсен е полицаец под сомнение дека шпионирал за српските безбедносни структури, објави в.д. министерот за внатрешни работи, Џелал Свеќала.
Полицаецот Бојан Јевтиќ, рече косовскиот министер, е шестото лице уапсено за случаи на шпионажа порачувајќи дека „истата судбина ќе го снајде секој што ќе се обиде да ја поткопа работата и улогата што ѝ е доверена на полицијата“.
„Професионализмот, соработката и координацијата на безбедносните институции на Република Косово се неопходни за постигнување резултати во борбата против нелегалните активности, особено оние со висок ризик кои често имаат извор во српските разузнавачки структури“, изјави тој.
Специјалното обвинителство на Косово го потврди апсењето на полицаецот кој се сомничи за сторено кривично дело „шпионажа“ и посочи дека за лицето е одреден притвор од 48 часа.
„За време на претресот на куќата на осомничениот во село во Каменица, запленети се материјални докази, како што се: доверливи документи на косовската полиција, неколку паметни телефони, USB мемориски стик, пиштол, муниција, готовина во вредност од 10.000 евра, два милиони српски динари, 600 швајцарски франци и други докази што ќе бидат испитани за време на истрагата“, се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму додаваат дека уапсениот полицаец ја извршувал функцијата началник на операции во граничната полиција на преминот „Бела земја“, како и дека Инспекторатот препорачал негово суспендирање.
Акцијата се спроведува во соработка меѓу Инспекторатот на косовската полиција и Косовската разузнавачка агенција.
Оваа акција доаѓа откако во претходниот период беа уапсени неколку Срби и Албанци под сомнение за шпионажа за српските разузнавачки служби.
Во Косово, под шпионажа се подразбираат тајни активности на собирање, пренесување или дистрибуција на чувствителни информации до друга држава, организација или група.
Според Кривичниот законик на Косово, шпионажата се смета за сериозно кривично дело и се казнува со најмалку пет години затвор.
На почетокот на јуни, Основниот суд во Приштина го осуди Александар Влајиќ на пет години затвор, откако тој се изјасни за виновен по обвиненијата дека се занимавал со шпионажа како член на Српската безбедносно-разузнавачка агенција (БИА).
Во меѓувреме, жена од српската заедница во северно Косово, исто така беше уапсена за шпионажа на почетокот на март оваа година.
Таа беше вработена во ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во Косово, додека медиумите објавија дека била „шпион“ на БИА. Српската безбедносно-разузнавачка агенција не коментираше за ова прашање.
Претходно, на 20 февруари, Специјалното обвинителство на Косово, исто така, подигна обвинение против двајца косовски Албанци, Бедри Шабани и Мухарем Ќерими, за сторено кривично дело шпионажа. Тие се изјаснија за невини по обвиненијата дека дале информации на српската БИА за безбедносните институции на Косово, Ослободителната војска на Косово и масакрот во Рачак.
БИА негираше каква било поврзаност со овие притвореници во Косово, додавајќи дека ова е „обид за ширење лажни вести“ од страна на Приштина.
Поранешниот главен инспектор на Косовската разузнавачка агенција, Бурим Рамадани, претходно за РСЕ изјави дека шпионажата е една од главните закани за националната безбедност на Косово.
„Со штетата што се обидува да се направи целта е да се прикаже Косово во лошо светло однадвор и да се држи под тензија однатре“, рече Рамадани.
Јулија Свириденко е нова премиерка на Украина

Украинските пратеници ја именуваа Јулија Свириденко, поранешната министерка за економија и прва замениничка на премиерот, за нова премиерка на земјата во рамки на реконструкцијата на Владата насочена кон зајакнување на односите со САД и кон давање нов импулс на земјата разурната од војната.
Свириденко ги водеше клучните преговори со САД за договорот за минерали.
Таа беше избрана за премиерка со 262 гласа „за“, 22 „против“ и 26 „воздржани“.
39-годишната економистка, позната во Вашингтон по нејзината клучна улога во посредувањето за договорот за минерали, доаѓа на премиерската функција на местото на Денис Шмихал, најдолгогодишниот премиер на Украина.
Во реконструираната влада, Шмихал ќе биде на чело на Министерството за одбрана додека претседателот Володимир Зеленски се стреми да го зголеми домашното производство на оружје со оглед дека војната што ја започна Русија влегува во својата четврта година.
Во обраќањето пред парламентот, Свириденко порача дека нејзин приоритет е „да се обезбеди одбраната и безбедноста на Украина и стабилноста на државата“.
„Државниот апарат нема право да ги уништува ресурсите и потенцијалот на земјата“, додаде Свириденко.
Колку и потезите на украинскиот претседател да се насочени кон оживување на воените напори на Украина, промените на функциите, во кои се очекува досегашниот министер за одбрана Рустем Умеров да стане амбасадор на Киев во Вашингтон, се сметаат за обид на претседателот да ја подобри комуникацијата и соработката со Белата куќа.
Серија настани што датираат од 2019-та, вклучително и постапката за импичмент на Трамп иницирана по телефонскиот разговор со Зеленски во јули истата година, го налутија Трамп во однос на прашањето со Украина, а целосната поддршка на Вашингтон за Киев се смета за сè друго освен за стабилна.
Договор за минерали
Свириденко, кој беше министерка и прва вицепремиерка од 2021 година, ги водеше преговорите со САД за договорот со кој им се овозможува на американските компании пристап до украински минерали и ретки земјини елементи.
Трамп го промовираше договорот како клучен дел од неговата политика кон Украина, инсистирајќи дека со него САД треба да добијат компензација за помошта што ја даваат на Киев од февруари 2022 година, а којашто достигна околу 175 милијарди долари.
Во април, Свириденко отпатува во Вашингтон каде што потпиша договор со американскиот секретар за финансии Скот Бесент за основање на Фондот за обнова и инвестиции на Украина, кој им дава право на САД на дел од профитот од новите украински проекти во енергетскиот и рударскиот сектор.
Трамп го претстави договорот како механизам за заштита на американските интереси во обновата и одбраната на Украина.
Додека Трамп изрази незадоволство од ненапредокот во мировните разговори со Русија, Украина се обиде да го искористи моментот за да ги зацврсти договорите за оружје и друга помош од Вашингтон.
Трамп оваа недела објави дека ќе продава оружје на НАТО за понатамошен трансфер во Украина, што досега е неговиот најјасен показател за поддршка на Украина откако ја презеде функцијата во јануари.
Муцунски и Лами ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и британскиот секретар за надворешни работи Дејвид Лами денеска (17 јули) во Форин офисот во Лондон потпишаа Декларација за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Шефот на македонската дипломатија на Фејсбук објави дека со ова се отвора ново поглавје во односите меѓу двете земји и се зајакнуваат билатералните односи со Обединетото Кралство.
„Овој документ ќе ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, особено во рамките на НАТО. Разговаравме и за неодамнешниот договор „влада со влада“, кој ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти. Разговаравме и за нашето сојузништво во рамките на НАТО, како и за соработката во мултилатералните организации, наведува Муцунски во објавата на Фејсбук.
Претходно, македонското собрание го донесе Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.
Со Договорот на земјава ќе и се обезбеди кредитна линија од пет милијарди фунти на располагање за големи инфраструктурни железнички, транспортни, здравствени и енергетски проекти.
Северна Македонија е прва земја на Балканот која склучува Договор за стратешко партнерство со Велика Британија.
Согласност за стратешко партнерство беше постигната на средбата на премиерите на Северна Македонија и Обединетото кралство, Христијан Мицкоски и Кир Стармер на маргините на самитот во Тирана на 16 мај.
Како што информираше владата, целта на договорот, што ќе биде во сила 10 години, е да воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти, во секторите транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори во државата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете