Би-би-си ја прекинува работата во Русија
Британски Би-би-си соопшти соопшти дека привремено ја прекинува работата на сите свои новинари во Русија, откако пратениците во Думата донесоа закон со кој се криминализира известувањето за војната во Украина, ако отстапува од владината линија.
Џачка - Во Украина нема албански платеници
Албанската министерка за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, ги отфрли информациите дека албански платеници се упатуваат во Украина.
Според министерката, тоа е лага создадена од Москва, нагласувајќи дека Албанија стои до Украина и ќе продолжи да работи со сите сојузници и партнери за да помогне да се стави крај на руската агресија.
„Во Украина нема албански платеници“, вели Џачка.
Русија го забранува Фејсбук
Русија го забранува Фејсбук, се наведува во извештајот на руската државна новинска агенција РИА Новости, пренесува Би-би-си.
Државниот регулатор на медиуми Роскомнадзор одлучил да го блокира пристапот до оваа социјална мрежа.
Извршниот директор на Фејсбук Ник Клег рече дека оваа социјална мрежа ќе направи „сè што може“ за да ги обнови услугите во Русија. Клег е поранешен британски вицепремиер.
САД во Советот за безбедност на ОН: За влакно спречена нуклеарна катастрофа
Соединетите Американски Држави и нивните сојузници жестоко ја критикуваа Русија во Советот за безбедност на ОН, поради гранатирањето и заземањето на украинската нуклеарна централа Запорожје, пренесува Ројтерс.
„Светот синоќа за влакно спречи нуклеарна катастрофа“, рече американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.