Достапни линкови

Масовен украински напад кон Москва и други руски региони


илустрација
илустрација

Украина лансираше повеќе од 100 дронови кон цели во 11 региони низ Русија, вклучувајќи ја и Москва, предизвикувајќи големи прекини во работата на аеродромите во руската престолнина, соопштија воени претставници.

Во меѓувреме, Русија го таргетираше вториот по големина град во Украина, Харкив, со речиси 20 дронови во текот на ноќта на 6 мај, при што беа повредени најмалку четири лица, соопштија локалните обвинители.

Нападите со дронови доаѓаат во време кога Москва и Киев се подготвуваат за прославите на Денот на победата, по повод 80-годишнината од предавањето на нацистичка Германија за време на Втората светска војна.

Како и обично, воената парада на Црвениот плоштад на 9 мај е централен дел од комеморациите во Кремљ.

Се очекува претседателот Владимир Путин да одржи голем говор во кој ќе ја возвиши улогата на Москва во победата во Втората светска војна, како и целосната инвазија на Русија врз Украина, која сега е во својата четврта година.

И покрај повикот на Путин за тридневен прекин на огнот во украинската војна, почнувајќи од 8 мај, нема знаци за какво било смирување на насилството, ниту на бојното поле ниту во секојдневната размена на напади со беспилотни летала меѓу Киев и Москва.

Се очекува Путин да биде домаќин на 20 светски лидери за настаните по повод Денот на победата, а официјалните лица најавија зголемени безбедносни мерки во Москва пред денот.

Московските власти ги предупредија жителите да не пукаат огномет оваа недела, а исто така предупредија и за прекини на интернетот во регионот, веројатно како начин да се спречат напади со беспилотни летала или други потенцијални напади.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина лансирала повеќе од 100 беспилотни летала кон цели во 11 региони преку ноќ, вклучувајќи го и главниот град.

Министерството тврди дека воздушната одбрана пресретнала или соборила 105 беспилотни летала.

Во Москва, најмалку 19 украински беспилотни летала биле уништени при нивното приближување кон главниот град, изјави градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм.

„Нема „сериозни штети или повреди“ каде што остатоците паднале во близина на еден од главните автопати што водат кон градот“, рече тој.

Летовите на сите четири аеродроми што ја опслужуваат Москва беа откажани, па обновени неколку часа подоцна, соопшти рускиот регулатор за воздухопловство.

Во пограничниот регион Курск, каде што руските трупи неодамна ги потиснаа остатоците од украинските сили што извршија инвазија минатото лето, украинските сили нападнаа електрична трафостаница, според гувернерот Александар Хинштејн.

„Во нападот беа повредени двајца тинејџери и беа оштетени два трансформатори“, рече тој.

Штетата предизвикала прекин на струјата во областа.

Немаше непосреден коментар од Киев за нападот, но украинските власти претходно изјавија дека ваквите напади имаат за цел да погодат воени цели и инфраструктура што се користи за поддршка на воените напори на Москва.

Во Харкив, руски беспилотни летала предизвикаа пожари во четири области на градот, при што беа повредени најмалку четири лица, соопштија локалните обвинители.

Властите во украинскиот Сумски регион, на северозапад, ги повикаа жителите да ги евакуираат домовите во два града во близина на границата откако руските сили истрелаа артилерија во две населени места, при што загинаа три лица, а четворица беа повредени.

XS
SM
MD
LG