Вести
Каја Шукова е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска (18 јули) на прес-конференција објави уште еден дел од кандидатите за локалните избори, по состанокот на Извршниот одбор на партијата, којшто заседавал денеска.
За кандидат за градоначалник на Скопје ја најави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
-За кандидат за Општина Битола - претседателот на Општинската организација Методија Куновски, во Валандово актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница претседателот на Општинската организација Гоце Милевски, во Зрновци претседателот на ОО Ванчо Митев, во Кавадарци регионалниот партиски координатор Виктор Велевски, рече Филипче на прес-конференцијата.
Тој истакна дека за Општина Карпош кандидатка за градоначалник ќе биде
д-р Маја Мојсова Миовска, поранешна директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), додека на Општина Кисела Вода Горан Трајковски, кој е поранешен директор на Државен пазарен инспекторат.
-Во Општина Маврово Ростуше кандидат ќе биде Анес Ахмети, во Општина Ново село Петар Спасов, во Петровец Елизабета Зелениковска, во Прилеп претседателката на ОО Петра Лукаровска, во Радовиш партискиот претседател Ристо Спасов, во Свети Николе Дејан Гичев, во Општина Чашка актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во Општина Брвеница Светлана Митревска Анџелковска, информираше Филипче.
Oдговарајќи на новинарско прашање дали коалицираат со ДУИ и Левица за локалните избори, опозицискиот лидер нагласи дека активно разговараат и оти за секоја општина ќе имаат посебна стратегија.
„Нашата партиска стратегија е јасна – консолидација на секое ниво, широк инклузивен процес во избор на нашите најдобри кандидати коишто имаат и легитимитет и кредибилитет да излезат пред граѓаните да ја побараат довербата. Тие кандидати заклучно со овие денеска објавени, практично се избрани во еден процес со многу широк консензус“, рече Филипче.
По неговата прес конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку писмено соопштение:
СДС тонат сѐ подлабоко во својот бунар без дно, сите кандидати или им се претседатели на општински организации кои мораат да излезат и да изгубат во своите општини или пак поранешни кадри на Заев. Со ова дефинитивно се потврдува дека СДС немаат кадри, ниту пак некој сака да им се нафати да изгуби. Во Скопје ќе одат со кадар на Заев, поранешната министерка за животна средина Каја Шукова.
Истата Каја Шукова ќе им ветува на Скопјани чист воздух и чиста околина, а додека беше министерка за животна средина со прст не мрдна за подобрување на аерозагадувањето, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Локалните избори ќе се одржат во октомври 2025 година.
види ги сите денешни вести
Сириското претседателство тврди дека на сила е прекин на огнот по конфликтот на југот од земјата

Владата на Сирија, предводена од исламистите, соопшти дека нејзините внатрешни безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида додека претседателството ги повика сите страни да го почитуваат прекинот на огнот откако крвопролевањето во областа претежно населена со Друзи однесе стотици мртви.
Сириското претседателство објави итен и сеопфатен прекин на огнот и ги повика сите страни да се обврзат на него и веднаш да ги прекинат непријателствата во сите области.
Портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи претходно на 19 јули изјави дека внатрешните безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида, покраина на југот од земјата.
Израел интервенираше во конфликтот претходно оваа недела, погодувајќи ги владините сили и зградата на Министерството за одбрана во Дамаск во знак на поддршка на Друзите.
Американскиот амбасадор во Турција и претставникот на Вашингтон за Сирија, Том Барак, изјавија дека двете земји се согласиле за прекин на огнот поддржан од Турција, Јордан и нејзините соседи.
Сириската покраина Свеида е зафатена од насилство кое почна со судири меѓу бедуинските борци и друзските фракции, пред да се вмешаат владините безбедносни сили испратени од Дамаск во областа.
Барак ги повика Друзите, бедуините и сунитите да го положат оружјето и „да изградат нов и обединет сириски идентитет заедно со другите малцинства“.
Израел тврди дека неговата цел е да го заштити сириското малцинство Друзи и дека сака областите долж јужната граница на Сирија да останат демилитаризирани.
Привремениот претседател Ахмед ал-Шара го обвини Израел дека се обидува да посее поделби меѓу Сиријците.
Активни се четири пожари, 27 се изгаснати

Изгаснати се 27 пожари на отворен простор, а четири се ставени под контрола во изминатото деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари има во село Нивичино, општина Василево, во село Грешница, општина Македонски Брод, меѓу прилепските села Царевиќ и Смолани и во село Виштица, општина Липково.
ЦУК соопшти дека под контрола се ставени пожарите во општина Велес, кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, во село Николиќ, општина Дојран, во општина Демир Хисар, кај градската депонија и во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа.
По три пожари се изгаснати во општините Ранковце и Куманово, а два во општина Липково. Изгаснати се пожарите и во општините Старо Нагоричане, Кратово, Јегуновце, Теарце, Тетово, Свети Николе, Битола, Карбинци, Штип, Делчево, Росоман…
Во општина Аеродром изгаснат е пожарот на улица „Гаврил Константиновиќ“, каде гореше ниска вегетација, во општина Гази Баба – кај стрелиште Камник, во општина Сарај – крај Вардар, а во општина Бутел – населба Визбегово. Во општина Ѓорче Петров се изгаснати два пожара, на влезот во населбата Ѓорче Петров и на улица „Васил Чакаларов“, во општина Илинден, кај индустриската зона.
Трамп ги тужи Мардок и „Волстрит џурнал“ поради текстот за Епштајн, бара 10 милијарди долари отштета

Доналд Трамп, претседателот на Соединетите Американски Држави(САД), поднесе тужба за клевета вредна 10 милијарди долари против издавачот на „Волстрит џурнал“(WSJ) и против новинари поради текст за збирка писма дадени на сексуалниот престапник Џефри Епштајн за неговиот 50-ти роденден во 2003 година, вклучувајќи белешка со потписот на Трамп и цртеж од гола жена.
Трамп категорично негира дека е автор на пораката.
Тужбата е поднесена против „Дау Џонс“, матичната компанија на „Волстрит џурнал“, нејзиниот сопственик, Руперт Мардок и двајца новинари на весникот.
Според судскиот поднесок поднесен во федералниот суд во Јужна Флорида, Трамп тужи за клевета, напад и навреда. Копија од тужбата не е прикачена на судскиот досие.
„Волстрит џурнал“ објави дека писмото, на кое пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер.
Весникот наведува дека писмото завршува со „Среќен роденден - и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и дека е потпишано со „Доналд“.
Трамп се закани дека ќе тужи речиси веднаш по објавувањето на статијата, напишана од новинарите на „Волстрит џурнал“, Кади Сафдар и Џо Палацоло.
„Волстрит џурнал“ и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Трамп дека наводното писмо што го објавиле - наводното писмо на Трамп до Епштајн - е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, објави Трамп на својата социјална мрежа.
Милијардерот Џефри Епштајн се самоуби во затвор во август 2019 година, откако беше обвинет за сексуално злоставување малолетници.
Загинаа 26 лица во израелски напади, според цивилната одбрана на Газа

Загинаа 26 лица, а повеќе од 100 се повредени во израелски напади во близина на два хуманитарни центри на југот од палестинската територија, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа, јави агенцијата АФП.
Портпаролот на агенцијата, Махмуд Басал, изјави за АФП дека 22 лица биле убиени во близина на локација југозападно од Кан Јунис а четворица во близина на друг центар северозападно од Рафа, поради „израелското пукање“.
Еден очевидец рече дека се упатил кон областа Ал-Тина во Кан Јунис пред зори со петмина негови роднини за да се обиде да купи храна кога „израелските војници“ почнале да пукаат.
„Моите роднини и јас не можевме да купиме ништо“, изјави за АФП 37-годишниот Абдул Азиз Абед. „Секој ден одам таму и сè што добиваме се куршуми и исцрпеност наместо храна“.
Израелската војска соопшти дека ги испитува тврдењата кога била контактирана од АФП.
Војната во Газа, предизвикана од смртоносниот напад на милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, создаде тешки хуманитарни услови за локалното население.
Повеќе од два милиони луѓе кои живеат на густо населената крајбрежна територија се соочуваат со сериозен недостиг на храна и други основни производи, а лекарите пријавија пораст на акутна неухранетост.
Агенцијата за цивилна одбрана објави дека девет лица биле застрелани и убиени во близина на истата точка за помош во областа Ал-Шакуш северозападно од Рафа на 18 јули.
Обединетите нации (ОН) соопштија дека регистрирале 875 убиени лица во Газа додека се обидувале да добијат храна.
Нормализирано е водоснабдувањето во болницата „Козле“

Водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.
Хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет – информораше попладнево Министерството за здравство.
Претходно денеска, МЗ соопшти дека поради прекин во водоснабдувањето во болницата во Козле, веднаш е побарано од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.
Судот одреди обештетување за семејствата на настраданите во Нови Сад

Вишиот суд во Нови Сад денеска (18 јули) соопшти дека донел пресуда со која државното претпријатие „Инфраструктура железница Србија“ и државата Србија се обврзуваат да им исплатат надомест на штета за претрпена душевна болка на четири лица поради смртта на нивни блиски.
Радио-телевизија Србија (РТС) објави дека се работи за членови на фамилиите на загинатите при падот на настрешницата.
Во соопштението се наведува дека на тужителите Б.Р., Б.П. и И.Р. треба да им се исплатат по 5.000.000 динари (околу 42.600 евра), а на тужителката М.Р. износ од 4.500.000 динари (околу 38.400 евра) со законска казнена камата.
Против оваа пресуда е дозволена жалба до Апелациониот суд во Нови Сад.
При уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1. ноември 2024 година, загинаа 16 луѓе. Настрешницата падна четири месеци по свеченото отворање на зградата по тригодишна реконструкција.
Оваа трагедија доведе до повеќемесечни протести и блокади на факултетите во Србија, на кои се бара одговорност од властите за несреќата.
И „Козле“ остана без вода, децата привремено згрижени на други клиники

Поради проблем со водоснабдувањето, децата кои имаат потреба за хоспитализација на Клиниката за белодробни заболувања во Козле, ќе се препраќаат кон Клиниката за детски болести и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Министерството за здравство денеска (18 јули) соопшти дека во Козле ќе продолжи само третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.
По нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата ‘Козле’, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа - велат од Министерството за здравство.
Директорката на болницата, Катерина Бошкова вчера за дел од медиумите изјави дека функционираат со цистерни со техничка вода донесена од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
„Невозможно е да се лекуваат болнички пациенти без вода“, додаде д-р Бошкова.
ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во врска со прекинот на водоснабдувањето на Детската болница Козле попладнево информираше дека при нивниот извршен увид констатирале оти причината за прекинот не е во нивна надлежност.
Во денешното писмено соопштение, од ова јавно претпријатие посочуваат дека станува збор за дефект на водоводната инсталација која е во сопственост на болницата.
За наведеното, известени се надлежните во болницата и тие треба да го санираат дефектот на внатрешната водоводна инсталација, велат од скопски Водовод.
Од јавното претпријатие посочуваат дека и покрај нивните апели, во текот на увидот констатирале дека болницата Козле нерационално ја користи водата за пиење, со полевање на парковската површина во склоп на болницата.
Од утре уште повисоки температури, здравствените власти со препораки за заштита на здравјето на населението

Во периодот од 20 до 24 јули 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат и до 41°C – информираше денеска (18 јули) Министерството за здравство, повикувајќи се на најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
По тој повод, Министерството апелира да се почитуваат општите препораки за заштита на населението од високи температури.
Меѓу нив, се вбројува препораката за престој во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
-Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци. Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи. Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот – советуваат здравствените власти.
Во денешното соопштение се наведува дека особено чувствителни на високи температури се децата, бремените жени, старите лица и лицата со хронични заболувања.
-Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс – веднаш побарајте медицинска помош, велат од Министерството за здравство.
Оттаму препорачуваат активностите на отворено во најтоплиот дел од денот да се одложат, а на работното место и во домот да се обезбедат микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C).
УХМР претходно информираше дека под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност.
Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени Целзиусови, на повеќе места ќе надминува 35 степени, а наместа ќе биде и над 40 степени Целзиусови - велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Продолжен притворот на обвинетите за пожарот во дискотеката во Кочани

Кривичниот суд денеска (18 јули) соопшти дека е продолжен притворот на обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Воедно, оттаму информираат дека обвинителниот акт е веќе доставен до сите обвинети и нивните адвокати. Откако ќе го примат, започнува рок од осум дена за приговор. По истекот на тој рок, судечкиот совет ќе заседава и ќе ја извести јавноста за следните чекори.
Судот, исто така, потврди дека Основното јавно обвинителство Скопје ќе го води понатамошниот дел од постапката.
-Кривичниот совет при овој суд постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство – Кочани за продолжување на мерките за обезбедување присуство на обвинетите, на обвинетите Д.Ј. од Кочани, Т.Ј. од Кочани, Џ.К. од Скопје и Б.Х. од Скопје им ја продолжи мерката притвор. Додека на обвинетите М.С., О.Г., Љ.П., И.Г., М.Г., С.Д., сите од Кочани, потоа Ј.Ј. и Љ.Г. од Скопје како и Б.М и Ш.Х., од Тетово и Е.М. од Виница им се продолжи мерката куќен притвор - стои во соопштението од Кривичен.
Во однос на конкретниот обвинителен акт КООА 155/25, оттаму информираат дека на 02.07.2025 година во попладневните часови списите на предметот биле доставени до судот, заедно со целокупниот доказен материјал меѓу кој вештачења, медицинска документација, како и техничка опрема одземена во текот на истрагата.
Потоа, предметот и сите предлози се завеле во АКМИС системот, а во наредниот ден актот е распределен на совет за оценка на истиот.
-При увидот во списите на предметот, утврдено е дека три обвинети правни лица немаат законски претставник во постапката, по што судот определи претставници по службена должност – велат од Кривичен.
Оттаму посочуваат дека дополнително на 08.07.2025 од страна на Јавниот обвинител било доставено доуредување на обвинителниот акт од 01.07.2025 година, кое се однесувало на генералиите и личните податоци на обвинетите.
Откако беа исполнети сите услови, советот издаде наредба за достава на обвинителниот акт со споменатото до уредување, заедно со листа на докази до сите обвинети, нивните бранители и претставниците на обвинетите правни лица поставени по службена должност.
Кога истиот ќе биде примен од странките, ќе започне да тече рокот од 8 дена за приговор, а по приемот на сите приговори и истек на Законски утврдениот рок, советот ќе заседава и ќе известува, велат од Кривичен.
Исто така, судот ја информира јавноста дека во текот на вчерашниот ден, 17.07.2025 година, во овој суд е доставено решение на Јавното обвинителство на Република С. Македонија РО бр. 367/25 од 15.07.2025 година со кое за месно и стварно надлежно обвинителство за постапување по конкретниот обвинител акт се определува Основно јавно обвинителство Скопје.
Оттаму апелираат да се почитуваат правата на сите засегнати како и законските рокови.
Согласно обвинителниот акт, на 34 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ им се ставаат на товар - тешки дела против општата сигурност.
Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Поради немање доволно докази, постапката се запира за 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.
Во пожарот што се случи на 16 март, годинава животот го загубија 62 лица помеѓу кои шест деца, а над 200 беа повредени.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете