Достапни линкови

„Не е хумано“: По трагата на наводите дека САД планираат депортации кон Србија


Врховниот суд на САД ѝ дозволи на администрацијата на Доналд Трамп да го укине привремениот правен статус na половина милион луѓе од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела (илустративна фотографија).
Врховниот суд на САД ѝ дозволи на администрацијата на Доналд Трамп да го укине привремениот правен статус na половина милион луѓе од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела (илустративна фотографија).

Земјите од балканскиот регион се вклучени во контакти како дел од поширока американска стратегија за депортација на странски државјани без регулиран правен статус, велат од Стејт департментот за РСЕ. Владите на Србија, Косово и БиХ ниту потврдија ниту демантираа дали е тоа побарано од нив

Илјадници километри далеку од својот дом, против своја волја — таква би можела да биде судбината на дел од околу половина милион луѓе со потекло од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела, на кои САД ќе им го ускратат гостопримството.

Со депортација, овие луѓе би можеле да завршат и во Србија, која за првпат се споменува во ваков контекст на шпекулации.

Оваа можност ја навести американскиот Bloomberg, повикувајќи се на анонимни извори. Според нив, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побарала од Србија да прифати мигранти кои САД планираат да ги депортираат.

Во одговорот даден на Радио Слободна Европа од Стејт департментот, не се коментираат директно тврдењата на Bloomberg. Наместо тоа, се наведува дека земјите од балканскиот регион се вклучени во контакти како дел од поширока американска стратегија за депортација на странски државјани без регулиран правен статус.

Што би значеле депортации на Балканот?

„Такво нешто нема логика, особено ако се земе предвид географската оддалеченост,“ вели Никола Ковачевиќ, правник специјализиран за прашања поврзани со азил и миграција. Тој додава дека не може ни да претпостави како изборот би паѓал токму на Србија.

„Најверојатно преку некакви политички врски или уверување дека властите во земји како Србија би прифатиле такво нешто во замена за некаков договор,“ оценува Ковачевиќ.

Во евентуалната одлука за испраќање мигранти во земји илјадници километри далеку од сè што им е познато, постои и елемент на театралност, како и желба на американската администрација да ѝ покаже на својата база поддржувачи дека има цврст став по прашањето на миграцијата, објаснува за Радио Слободна Европа Мајкл Бохенек (Michael Bochenek), виш советник во организацијата Human Rights Watch (HRW).

„Нема вистинска корист од испраќање некого од Латинска Америка на другата страна од светот, освен ако тоа не е со цел да се направи шоу или казна.“

Сепак, Бохенек вели дека е можно и такво сценарио во кое, на пример, лице од Венецуела би било испратено не во матичната земја, туку во Србија или некоја друга земја од Западен Балкан. Дури и ако лицата кои се соочуваат со депортација се подготвени да се вратат дома, тој предупредува дека испраќањето во Србија би ја направило логистиката многу покомплицирана.

„Ако САД не можат веднаш да го вратат лицето во неговата матична земја, тогаш е уште помалку веројатно дека тоа би можела да го направи Панама или Костарика. Истото прашање се поставува и за секоја друга земја на која САД би можеле да испраќаат луѓе — вклучувајќи ја, потенцијално, и Србија,“ вели Бохенек.

Бохенек додава и дека е загрижувачки тоа што, како што покажале претходни случаи на депортација од САД, често се испраќаат луѓе кои треба да бидат разгледани како потенцијални баратели на азил:

„Ако се постигне договор и некои луѓе завршат на Балканот — во Србија или некоја друга земја — а потоа се покаже дека имаат валидни барања за азил, тогаш одеднаш тоа станува проблем на Босна или Србија.“

Се споменуваат и други држави од Западен Балкан

Освен Србија, во минатото се спомнувале и други земји од Западен Балкан, за што пишуваше и американскиот Wall Street Journal во април оваа година.

Во одговорот до Радио Слободна Европа, Стејт департментот потсети дека спроведувањето на имиграциската политика на администрацијата на Доналд Трамп е еден од неговите главни приоритети.

Исто така беше наведено дека, во одредени случаи, САД би можеле да соработуваат со трети земји за да го олеснат иселувањето на државјани на трети земји кои немаат законска основа за останување во САД.

На прашањето упатено до владите на Србија, Косово и Црна Гора, Радио Слободна Европа не доби ниту потврда, ниту демант во врска со можноста за прифаќање на депортирани лица од САД.

Србија во 2025 година одобрила само еден азил

Коментирајќи ја идејата за можни депортации, правникот Никола Ковачевиќ изјави дека тоа претставува:

„Уште една негативна порака што се однесува на остварувањето и заштитата на човековите права на луѓето во движење.“

Ковачевиќ додава: „Навистина ми е тешко да замислам сценарио во кое луѓе од Венецуела, на пример, ќе престојуваат во Србија врз основа на одлука на американските власти,“ изјави тој за Радио Слободна Европа.

Овие наводи дополнително добиваат тежина ако се земе предвид фактот дека Србија во 2025 година одобрила само еден единствен азил, што укажува на многу ограничена практика на прифаќање и интеграција на странски државјани што бараат заштита.

Постојат повеќе причини поради кои ова е малку веројатно, вели тој.

„Прво и основно, тоа се земји кои произведуваат голем број бегалци, а испраќањето на тие луѓе во Србија — која годинава одобри само еден азил — не одговара на меѓународното право за човекови права и меѓународното бегалско право,“ објаснува тој.

Србија - Никола Ковачевиќ, адвокат за човекови права
Србија - Никола Ковачевиќ, адвокат за човекови права

Трауматично е да бидеш испратен во земја во која никогаш не си имал намера да одиш, додава советникот од HRW.

Сепак, Бохенек, кој неодамна ги посетувал камповите во Босна и Херцеговина, вели дека во врска со таа земја постојат и загрижености поврзани со основни прашања, како што се капацитетите на центрите, како и времетраењето на задржувањето во притвор без пристап до адвокати.

Дури и ако мигрантите од САД навистина бидат пратени во Србија, дали земјата има капацитет да ги спроведе потребните процеси?

„Можеби српскиот закон бара воспоставување на посебни процедури, дури и кога би се примило лице кое нема виза за Србија. Постојат и многу логистички прашања. Дали има луѓе кои зборуваат шпански на соодветно ниво? Можеби. Но тоа значи дека некој мора да биде присутен во тие центри за време на работното време, а можеби и почесто.“

Доколку навистина дојде до депортации од Америка во Србија, Ковачевиќ објаснува дека тие лица би морале да имаат правен статус кој ќе им биде доделен согласно Законот за странци или Законот за азил.

„Ништо не би им пречело да бараат азил во Србија, а исто така би можеле да добијат и некој привремен престој од хуманитарни причини и слично,“ додава тој.

Што велат меѓународните закони?

Постојат многу судски процеси во САД кои го оспоруваат легитимитетот на депортациите. Кога станува збор за меѓународното право, разумно е да се заклучи дека ваквите договори не се легални, вели Бохенек. И сигурно не се хумани, додава тој.

„Нехумано е затоа што луѓето не знаат што им се случува, зошто ги испраќаат во земја која не им е нивна. Тоа го нарушува самиот принцип на фер судење, што е потполно спротивно на него. Одеднаш да бидеш прогонет во место каде никогаш не си планирал да бидеш — тоа само по себе е неправедно.“

Human Rights Watch неодамна предупреди дека третманот на притворените мигранти во Босна и Херцеговина треба да предизвика загриженост кај владите кои размислуваат да испратат дополнителни мигранти во таа земја.

Тие тогаш укажаа на проблеми како што се процедурни одложувања, ограничен пристап до адвокати и загриженост за условите и пристапот до услуги, кои, како што велат, ги ставаат мигрантите во ризик.

Примерот на Албанија и Италија
Тенденцијата за префрлување на бегалците не постои само во САД, туку и во Европската унија.

Европскиот парламент усвои во април 2024 година таканаречениот Пакт за миграции. Тој се состои од осум закони чија главна цел е, пред сè, намалување на бројот на барачи азил и нивно префрлување кон надворешните граници.

Договорот за прифаќање мигранти беше постигнат во 2023 година меѓу Италија и Албанија. Меѓутоа, неколку италијански судови наредија враќање на мигрантите од Албанија назад во Италија, со образложение дека се кршат меѓународните конвенции и правата на барателите на азил.

Фиоралба Дума, експерт за прашања на миграции која живее во Италија, е убедена дека протоколот потпишан од италијанската премиерка Џорџа Мелони и албанскиот премиер Еди Рама не е ништо друго освен „неоколонијален договор што ја префрлува одговорноста на ЕУ врз земја која не е членка на Унијата“.

„Цената на тоа се правата на мигрантите, нивните соништа и достоинството, но и албанскиот суверенитет.“

Среде критиките, Италија ги испраќа првите мигранти во Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Нема ништо хумано во присилното префрлување преку граници на луѓе кои веќе се трауматизирани и ранливи, а само за да се избегнат обврските во согласност со човековите права, смета таа. Како што вели Дума, сето тоа сè повеќе служи за „политички спектакл“.

„Италија го користи ова за постигнување легитимитет на домашно и меѓународно ниво, а исто така и Албанија за да стекне престиж и легитимитет од меѓународните институции.“

Според договор вреден 800 милиони евра, Италија има право во наредните пет години месечно да испраќа до 3.000 мигранти во Албанија за обработка на барањата за азил и привремен сместувачки капацитет.

Дали Србија е „безбедна трета земја“?

Сите „префрлања“ на бегалци од една во друга земја се спроведуваат според концептот на „безбедна трета земја“, објаснува Ковачевиќ.

„Безбедна трета земја за бегалците мора да ги исполни бројните критериуми, кои, на пример, Руанда не ги исполни во договорот со Велика Британија“, додава тој.

Договорот според кој барателитена азил од Велика Британија требаше да се префрлуваат во Руанда беше потпишан во 2022 година. Планот наиде на политички и правни пречки, и до денес не е спроведена ниту една депортација. Врховниот суд на Велика Британија во 2023 година го прогласи за незаконски.

„Можеби ние (Србија) сме подобри од Руанда, но сепак не сме доволно добри“, вели Ковачевиќ и додава дека постои низа аргументи со кои може да ѝ се оспори статусот „безбедна трета земја“ на Србија, како и дека „нема ниту еден сегмент од српскиот систем за азил кој може да се опише како ефикасен и делотворен“.

„Камповите, кои порано беа 17-18, сега се 5 или 6. Во ниту еден од нив не постојат адекватни материјални услови, освен можеби во Обреновац“, рече Ковачевиќ.

Тој истакнува и фактот дека преку Србија од 2008 година поминале повеќе од два милиони бегалци, а само нешто повеќе од 250 од нив добиле азил. Од тие, вели тој, половина на крајот ја напуштиле Србија.

„Од аспект на концептот ‘безбедна трета земја’, не можам да замислам суд во Америка кој ќе рече дека српскиот систем за азил е во ред“, изјави Ковачевиќ.

XS
SM
MD
LG