Полската опозиција ќе го оспори резултатот од изборите за претседател

Кандидатите за претседател на полска на неделните избори - Рафал Трасковски и Анджеј Дуда

Граѓанска платформа, најголемата полска опозициска партија, денеска и официјално ќе побара неодамнешните претседателски избори да бидат прогласени за неважечки заради употребата на државните ресурси во кампањата на претседателот Анджеј Дуда, јави германската новинска агенција ДПА.

„Самото гласање можеби се одвиваше добро, но околностите, вклученоста на јавните финансии, вклученоста на јавните медиуми, предизвикаа изборите да не бидат на рамномерно ниво. Изборите не беа фер“, изјави денеска лидерот на центристичката партија Граѓанска платформа (ПО), Борис Будка .

Граѓанска платформа денеска треба да поднесе изборен протест до полскиот Врховен суд, пишува ДПА.

„Ако гласно не укажаме на нерегуларностите следните избори ќе бидат уште полоши“, рече Будка.

Рафал Трасковски, градоначалникот на Варшава и заменик претседател на Граѓанската платформа, на вториот круг од изборите, во неделата, загуби од Анджеј Дуда со два процентни поени.