Владата на Велика Британија денеска објави дека дала зелено светло за преземање на фудбалскиот клуб Челзи од страна на Тод Боли, од санкционираниот руски олигарх Роман Абрамович.
Државниот секретар за дигитална, култура, медиуми и спорт Надин Дорис изјави дека доцна синоќа издала лиценца со која се дозволува договорот.
„Задоволни сме дека приходите од продажбата нема да бидат во корист на Роман Абрамович или други санкционирани лица“, напиша Дорис на Твитер.
„Со оглед на санкциите што ги воведовме на оние кои се поврзани со (Владимир) Путин и крвавата инвазија на Украина, долгорочната иднина на клубот може да се обезбеди само под нов сопственик“, додаде таа.
Конзорциумот предводен од Боли, косопственик на бејзбол тимот ЛА Доџерс, веќе се спогоди за рекорден договор од 4,25 милијарди фунти (5,3 милијарди долари) за купување на клубот од Премиер лигата од Абрамович.
Официјалните лица сакаа сè да биде завршено вчера, за да може Челзи да ги исполни сите рокови за регистрација за фудбалските натпреварувања следната сезона.
Абрамович го стави Челзи на пазарот на почетокот на март, непосредно пред да биде санкциониран од британската влада по руската инвазија на Украина. Завршувањето на купувањето беше долг процес поради загриженоста на владата во врска со потенцијалот Абрамович да профитира од продажбата.
Челзи беше принуден да работи под посебна лиценца од владата откако беше санкциониран Абрамович, кој го купи клубот во 2003 година.
Абрамович, на кого Европската унија исто така воведе санкции, владата на Обединетото Кралство го опиша како дел од потесното опкружување на рускиот претседател Владимир Путин.