Вработени во Управата за водење на матични книги, денеска протестираа пред Министерството за финансии со барање да се сретнат со претставници на Министерството. Пред десетина дена тие постигнаа договор со Министерството за правда, но сè уште немаат одговор за барањето за покачување на платите од Министерството за финансии.
Марјан Ристески од Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), рече дека очекуваат да им се каже дали има пари за реализација на нивните барања согласно со колективниот договор и за линеарно зголемување на платите за 30 проценти.
„Се штрајкува, не се даваат изводи, нервоза кај вработените. Ова е игра на нерви од нивна страна, на издржливост, не знам што. Најверојатно имаат некоја стратегија, нека кажат која а. Доколку и понатаму не се огласат за нашите барања следниот чекор ќе биде масовен протест пред Влада. Сите институции ги поминавме, остана уште премиерот Ковачевски. Се добива впечаток дека воопшто не се заинтересирани“, рече Ристески.
По усогласувањето на синдикатот со Министерството за правда за колективниот договор тие најавија дека ќе продолжат со штрајкот, што трае веќе еден месец, се додека договорот не биде одобрен од Министерството за финансии.
На крајот на април, синдикатот на матичарите соопшти дека 70 отсто од вработените земаат плата пониска од минималната.