Инвазијата на Украина е кршење на правото на една земја на самоопределување, изјави денеска папата Франциск. Папата зборуваше за војната во Украина во пораката за Светскиот ден на сиромашните на Римокатоличката црква, кој ќе се одбележи во ноември. Војната во Украина сега е додадена на регионалните војни кои со години земаа голем број жртви и уништувања, се вели во пораката на Папата.
„Сепак, овде ситуацијата е уште посложена поради директната интервенција на „суперсила“ насочена кон наметнување на сопствената волја со кршење на принципот на самоопределување на народите“, додаде тој.
Папата Франциск- Во војна не се користи житото и храната како оружје
Претходно Папата предупреди дека храната не може и не треба да стане оружје во војната што Русија ја започна против Украина. 85-годишниот Папа за време на редовна аудиенција на плоштадот Свети Петар во Ватикан изјави дека блокадата на извозот на жито од Украина, од која зависат милиони луѓе, особено во најсиромашните земји, „предизвикува голема загриженост“.
Руската воена инвазија врз Украина влезе во четвртиот месец, а во неа има илјадници загинати и повредени, како и милиони раселени лица, во земјата и надвор од неа.