Утре избори во Грција, денеска гласаат Грците во странство

Грчкиот премиер и лидер на Нова демократија Киријакос Мицотакис на предизборен митинг, во Волос, централна Грција, четврток, 11 мај 2023 година

Ден пред изборите во Грција, денеска гласаат Грците кои живеат во странство.

Оваа година тие за првпат имаат можност да гласаат на парламентарните избори, без да биде потребно да се вратат во Грција.

Отворени се 99 гласачки места во 85 градови, во 35 земји, а пријавени за гласање се 22.855 лица.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, синоќа, кусо пред полноќ преку Твитер се осврна на гласањето на Грците во странство.

„Можеби е мал прв чекор, бидејќи постојат големи ограничувања, но е исто така и емотивен момент што нѐ прави решени да продолжиме“, напиша Мицотакис.

Според грчките медиуми, ковертите со гласачките ливчиња, авионски ќе бидат испратени во Грција, а ќе се отворат и гласовите ќе се пребројат в недела, откако ќе заврши гласањето и ќе се затворат гласачките места во земјата.

Во Грција денеска е предизборен молк во пресрет на утрешните избори.

На изборите учествуваат 36 партии, коалиции и самостојни кандидати, а право на глас имаат нешто помалку од десет милиони граѓани.

На овие избори има три новини: гласат Грците кои живеат во странство, право на глас имаат сите кои наполниле 17 години, а не 18 како што беше до сега и ќе се спроведе пропорционален изборен модел.

Видете и ова: Избори во Турција: Султан или турски Ганди


Околу 340 новинари, фоторепортери, телевизиски екипи, но и странски дописници, меѓу кои и од Северна Македонија се акредитирани за следење на парламентарните избори во Грција.