Советот на Европската унија (ЕУ) усвои нови насочени мерки кои создаваат поблиско усогласување на санкциите на ЕУ насочени кон Русија и Белорусија и ќе помогнат да се осигура дека руските санкции не можат да се заобиколат преку Белорусија.
Според соопштението објавено од Европската комисија (ЕК), овие мерки ја прошируваат забраната за извоз во Белорусија на голем број високочувствителни стоки и технологии кои придонесуваат за воениот и технолошкиот напредок на Белорусија.
Советот на ЕУ воведува и дополнителна забрана за извоз на огнено оружје и муниција, како и на стоки и технологија погодни за употреба во воздухопловната и вселенската индустрија.
„Промените, исто така, ги усогласуваат санкциите против Белорусија со режимот на санкции против Русија“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Полска: Вагнер сака да го дестабилизира источното крило на НАТОЕвропската комисија ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ и нагласи дека овие рестриктивни мерки се забрзани со оглед на итноста поврзана со борбата против заобиколувањето на одредени високо чувствителни стоки и технологии.
Воведувањето на нови насочени мерки е последица на вмешаноста на Белорусија во нелегалната агресија на Русија против Украина.
Од почетокот на војната во Украина, на 24 февруари 2022 година, Европската унија воведе низа санкции против Русија.
Последниот, односно 11-тиот пакет санкции што беше усвоен во јуни, вклучува и мерки против можното заобиколување на санкциите против Русија преку таканаречените трети земји.