ЕУ ја проширува листата на еколошки злосторства и ги заострува казните

Илустрација - Загадување на водите во езерата

Загадувањето предизвикано од бродови, употребата на жива и илегалната трговија со дрва ќе бидат оквалификувани како кривични дела во Европската унија според новите правила договорени од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Договорот го зголеми бројот на еколошки злосторства кои моментално постојат во кривичното право на ЕУ од девет на 18 и вклучуваат, меѓу другото, незаконско рециклирање на загадувачки компоненти на бродовите, сериозни прекршувања на законите за хемикалии, незаконско исцрпување на водните ресурси, увоз на инвазивни видови.

Според новите правила за криминал во животната средина, кривичните дела кои предизвикуваат смрт се казнуваат со 10 години затвор, а компаниите се соочуваат со парични казни од три или пет отсто од годишниот глобален промет или 24 или 40 милиони евра, во зависност од тежината на прекршокот.

Видете и ова: Меѓународни кредитори со 4 милијарди евра ќе го помагаат откажувањето од јаглен

Исто така, беше договорено да се воведат построги казни за таканаречените „квалификувани кривични дела“ кои предизвикуваат уништување на екосистемите или живеалиштата во заштитеното подрачје или загадување на воздухот, земјата или водата. Тие вклучуваат дела споредливи со екоцид со катастрофални последици, како што се широко распространето загадување или големи шумски пожари. За вакви дела е предвидена казна затвор од осум години.

Предвидени се и други санкции, како што се парични казни, обврска за враќање на оштетената средина во првобитната состојба или за надомест на штетата.

На компаниите може да им се одземат лиценците, да им се забрани пристап до јавно финансирање или да се затворат.

Европскиот парламент објави дека еколошкиот криминал е главен извор на приход за организираниот криминал, покрај наркотици, оружје и трговија со луѓе.

Целта на новата регулатива е подобра заштита на екосистемот и поефикасна имплементација на еколошките регулативи на ЕУ.

Видете и ова: Слабо оди фаќањето на „лошите“ и пак ќе мириса на пластика!

Првата директива на ЕУ за заштита на животната средина преку кривично право беше усвоена во 2008 година. По евалуацијата за 2019-2020 година, Европската комисија заклучи дека ефектот на директивата е ограничен, поради многу мал број успешно истражени случаи и изречени казни.

Комисијата го претстави својот предлог за подобрување на ефикасноста на директивата и подобра заштита на животната средина во декември 2021 година.

Договорот на Европскиот парламент и Советот треба да биде официјално потврден од двете институции пред да стапи во сила.