Во силниот земјотрес што ја погоди централна Јапонија на првиот ден од 2024 година загинаа најмалку 48 луѓе, а потрагата по преживеани под урнатините продолжува. Најмалку 45 000 домови се без струја.
Сè уште не се познати обемот на штетата и бројот на жртвите ден по земјотресот.
Експертите проценуваат дека силниот земјотрес што вчера (1 јануари) ја погоди јапонската префектура Ишикава го поместило тлото во регионот Ното до 1,3 метри на запад.
Податоците по земјотресот со јачина од 7,6 степени, ги анализираше Јапонската агенција за геопросторни информации (GSI), а според нив, најголемото движење е забележано во градот Ваџима, на околу 1,3 метри на запад.
Движењето на земјата кон запад за околу еден метар е забележано во градот Анамизу, а за околу 80 сантиметри во градот Сузу, јавуваат јапонските медиуми.
Видете и ова: Повеќе од 50 земјотреси до 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погодија ЈапонијаНеколку силни земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, вчера ја погодија јапонската префектура Ишикава на брегот на Јапонското Море. Епицентарот на повеќето земјотреси бил во близина на Ното во префектурата Ишикава.
Јапонија е во Пацифичкиот огнен појас, каде што се одвива силна сеизмичка активност, која се протега низ Југоисточна Азија и Пацифичкиот басен.
Североисточниот брег на Јапонија во 2011 година беше погоден од силен земјотрес со јачина од 9,0 степени според Рихтеровата скала, еден од најголемите регистрирани, кој беше проследен со цунами и ја предизвика нуклеарната катастрофа во Фукушима.
Во оштетувањето на нуклеарната централа загинаа повеќе од 18.000 луѓе, а речиси половина милион луѓе во регионот беа раселени. Повеќе од 40.000 луѓе не можаа да се вратат дома ниту една деценија подоцна.