Пакистански талибанци убија петмина полицајци кои го обезбедуваа тимот за вакцинација против полио

Илустрација, тим за вакцинација на деца против полио, детска парализа

Најмалку пет полицајци загинаа при експлозија на бомба поставена покрај пат во северозападен Пакистан. При експлозијата ранети се уште 22 лица, изјавија локалните власти за Радио Машаал на РСЕ на 8 јануари. Одговорноста за нападот ја презеде групата Техрик-е талибан Пакистан (ТТП). Нападот се случи во областа Мамунд во племенскиот округ Бајаур, една од седумте племенски области на провинцијата Хајбер Пахтунхва што граничи со источната авганистанска провинција Кунар. Мамунд е поранешно упориште на ТТП, која е група одвоена од авганистанските талибанци, иако двајцата се блиски сојузници.

Портпаролот на регионалната полиција Мухамед Асрар изјави за Радио Машал дека тимот од полициски персонал бил на пат да ги чува здравствените работници кои вршеле имунизација на деца од полио во таа област кога нивниот автомобил бил погоден од бомба покрај пат.

Портпаролот на полицијата Мохамад Асрар изјави дека 10 од ранетите се во тешка состојба во болницата Кар во Бајаур. Полицијата соопшти дека кампањата за имунизација е прекината во областа каде што се случи нападот и дека сите членови на тимовите за вакцинација се безбедни.

Видете и ова: Полицаец загина во Пакистан додека обезбедуваше тим кој вакцинира против полио


Исламистичките екстремисти често ги напаѓаат тимовите за имунизација од детска парализа и безбедносните сили назначени да ги заштитат, лажно тврдејќи дека кампањите за имунизација се заговори на Западот за стерилизирање на муслиманските деца.

Некои родители на северозапад одбиваат нивните деца да се вакцинираат против детска парализа.

Пакистан и Авганистан се единствените земји во светот каде детската парализа не е целосно искоренета.

Најмалку шест нови случаи на детска парализа беа пријавени во Пакистан минатата година, и покрај напорите на 231-милионската силна нација да ја искорени болеста, која може да предизвика сериозна парализа кај децата.

Откако авганистанските талибанци се вратија на власт по повлекувањето на силите предводени од САД од уништената земја, многу членови на ТТП, наводно, нашле засолништа во Авганистан, користејќи ја земјата за почести напади врз пакистанските војници и цивили.