Европската комисија отвори истрага за AliExpress

Илустративна фотографија.

Европската комисија на 14 март отвори истрага против „AliExpress“, меѓу другото, за можни прекршувања на правилата на Европската унија (ЕУ) за небезбедни производи и заштита на децата.

Комисијата ги истражува наводите дека онлајн продавницата во кинеска сопственост не успева адекватно да управува со ризикот од продажба на опасни материи на платформата, како што се лажни лекови и храна.

Извршната власт на ЕУ, исто така, ја истражува можноста „AliExpress“ да не прави доволно за да ги спречи децата да пристапат до порнографски материјали, се вели во соопштението на Комисијата.

Видете и ова: Кина ќе одговори со неопходни мерки ако се забрани Тик-Ток во САД

Истрагата се однесува на потенцијални прекршувања на Законот за дигитални услуги (DSA), законот кој ги регулира големите онлајн платформи.

DSA пропишува управување со различни ризици на платформите, вклучувајќи го и ризикот од ширење нелегална содржина и ризикот од штета на потрошувачите, особено на малолетниците.

Ако на крајот се утврди дека „AliExpress“ ги прекршил правилата за ублажување на ризикот на DSA, може да се соочи со казни до 6 отсто од својот глобален годишен приход.

Истрагата ќе испита и дали на „AliExpress“ му недостасуваат „ефикасни мерки за спречување намерна манипулација“ преку „скриени врски“.

Видете и ова: ЕУ со парична казна од речиси две милијарди евра за технолошкиот гигант Епл

Исто така, ќе биде под микроскоп до кој степен „AliExpress“ им дозволува на посетителите на неговата веб-страница да пријавуваат нелегална содржина и да поднесуваат жалби и да спречат персонализирани препораки за производи.

Под лупа е и транспарентноста на алгоритмите на платформата, како и дали „AliExpress“ доволно ги испитува трговците на својата платформа.

Додека некои правила на DSA важат за сите платформи, построги правила за намалување на ризикот важат за оние со повеќе од 45 милиони месечни корисници во ЕУ. Во април 2023 година, комисијата го наведе „AliExpress“ како една таква платформа.