Евакуации во пет области во североисточниот дел на Атика

илустрација

Три пораки за евакуација од бројот за итни случаи 112 утрово беа испратени до сите оние кои се во пет различни области во североисточниот дел на грчката област Атика, поширокиот регион на Атина, поради пожарот што е активен веќе 20 часа, а во текот на ноќта дополнително се прошири, заземајќи огромни размери, јавува дописничката на МИА од Атина.

Според мапата за пожари на НАСА, конкретниот пожар е во должина од над 20 километри и се простира на површина од над 110 километри квадратни.

Министерот за цивилна заштита и климатска криза на Грција Василис Кикиљас претпладнево информираше дека во моментов битката се води на два фронта, додека пак во неколку делови ситуацијата е подобрена, истакнувајќи дека станува збор за особено опасен пожар поради силниот ветер, континуираната суша и релјефот на областа со густа шума.

Посочи дека интервенираат 670 пожарникари со 27 пешадиски тима, 183 возила и 32 воздушни средства, односно 17 авиони и 15 хеликоптери.

Видете и ова: Пожар во Грција, привремено затворен граничниот премин Богородица

Во евакуацијата на жителите на зафатените подрачја од пожарот, вклучена е и полицијата, а полицајци одат од куќа до куќа, од врата до врата за евентуално спасување на граѓани.

Преку социјалните мрежи, од грчката полиција информираа дека од вчера помогнале во спасување на над 250 лица заглавени во деловите каде што е пожарот, интервенираат 380 полицајци со 77 возила, 36 мотори, а паралелно објавија видео од спасувањето на стари лица со здравствени проблеми.

Евакуации на населени места имаше и во текот на вчерашниот ден, доцна во ноќта и рано утрово, евакуирани беа и детска и воена болница, а за прием на граѓаните беа отворени спортски сали, како и Олимпискиот стадион во Атина.

Сепак, не е мал бројот на оние граѓани кои и покрај пораките од бројот 112 за евакуација, одбиваат да се евакуираат и остануваат на местото за да си ги спасат имотите и за да им помогнат на противпожарните сили во справувањето со огнените јазици.

Засега се регистрирани само неколку случаи на граѓани кои побарале помош со проблеми со дишењето поради густиот чад. Чадот, исто како и во текот на вчерашниот ден, и денеска е проширен во целата област Атика.