Руската безбедносна служба ФСБ на 22 август објави дека отворила кривична постапка против тројца новинари кои известувале од деловите на руската област Курск под контрола на Украина за „нелегално“ преминување на границата.
Федералната служба за безбедност ФСБ соопшти дека отворила случаи за „нелегално преминување на државната граница“, што е казниво до пет години затвор, пренесе АФП.
„Тие наскоро ќе бидат ставени на меѓународна потерница“, се вели во соопштението.
Се наведува дека новинарите ги снимиле видеата на подрачјето во градот Суџа, кој е под украинска контрола.
ФСБ го именуваше новинарот на Си-Ен-Ен, Ник Патон Волш, кој за оваа телевизија известуваше од Суџа на 16 август. Волш е британски новинар кој претходно известуваше за вестите на Канал 4 и весникот Гардијан во Москва.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украина урива мостови во Курск и тврди дека заробила поголем број руски војници
ФСБ ги именуваше украинските новинари како Дијана Бучко, која известуваше од Суџа за информативната страница Хромадске, и Олесија Боровиќ, која известуваше од таму за телевизијата „Моја Украина“.
ФСБ соопшти дека кривичната постапка против новинарите е отворена под истото обвинение што претходно го покрена против двајца италијански новинари на јавниот радиодифузен сервис РАИ, Симоне Треини и Стефанија Батистини, кои известуваа од Суџа минатата недела.
Русија минатата недела го повика италијанскиот амбасадор поради нивното известување и во саботата отвори кривична истрага против Италијанците.