Младинското движење на студентите кое се бори за подигнување на студентскиот стандард во земјава „Студентски отпор“ соопшти дека покренува петиција за новите повисоки давачки за студирање.
„Оваа петиција е апел до надлежните веднаш да ги укинат неразумните трошоци! Овие неправди, некоректност и изживување со македонскиот студент нема да ви ги премолчиме“, стои во соопштението од „Студентски отпор“.
Оттаму посочуваат дека оваа академска година почнува со нови повисоки давачки за студентите од околу 5000 денари без, како што наведуваат, никаква најава и консултација со студентите при УКИМ.
„Недозволиво е досегашните неоправдани високи цени за студирање да се надоградуваат со уште понеразумни трошоци! Наместо да се преиспитаат досегашните давачки и младите да се мотивираат за високо образование и просперитет во Македонија - надлежните зададоа уште еден удар по и така катастрофалниот студентски стандард“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Бесплатното студирање поскапуваПред неколку месеци од ова здружение реагираа на најавите за покачување на сумите за партиципација на студентите на државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Во моментот студентите плаќаат по 100 евра од семестар, а во приватна квота по 200 евра семестар.
Според актуелниот Закон за високо образование, партиципацијата е износ кој го определува Владата, а кој се наплаќа од студентите запишани на јавна високообразовна установа чие образование се финансира од буџетската каса.