Се одложува примената на новите правила за влез и излез од Шенген зоната

Aеродромот Хенри Коанда, Букурешт, Романија, март 2024 година.

Aеродромот Хенри Коанда, Букурешт, Романија, март 2024 година.

Европската унија (ЕУ) одлучи да ја одложи имплементацијата на новиот систем за влез/излез (ЕЕС) во Шенген зоната, беше потврдено по состанокот на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ на 10 октомври.

„10-ти ноември повеќе не е на маса. Се надевам дека ќе започнеме што е можно поскоро, но засега нема нова временска рамка“, потврди еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, по министерскиот состанок.

Таа рече дека Германија, Холандија и Франција им потврдиле на европските институции дека не се подготвени да почнат со имплементација на овој систем, што меѓу другото е и причината за доцнењето.

Видете и ова: Што треба да знаат граѓаните на Западен Балкан за новите правила за влез во ЕУ?

Овој систем требаше да се имплементира на 10 ноември.

Тоа е автоматизиран ИТ систем за регистрација на патници од трети земји, и оние со краткорочни визи и оние без виза, секој пат кога ќе ја преминат надворешната граница на ЕУ.

Системот треба да го регистрира името на лицето, видот на патната исправа, биометриските податоци (отпечатоци од прсти и фотографија) и датумот и местото на влез и излез, со целосно почитување на основните права и заштитата на податоците.

Системот е воспоставен во ноември 2017 година, а неговата имплементација неколкупати се одложува.

Примената на системот требаше да се однесува на граѓаните од околу 60 земји, вклучително и земјите од Западен Балкан, за нивен влез во Европската унија и Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, кои се членки на Шенген зоната.

Пасошите во сите земји од Западен Балкан се биометриски, чиповите содржат отпечатоци од прсти и фотографии и целосно се усогласени со условите што ги бара ЕУ за земјите од Западен Балкан да добијат безвизен режим.