Полска од Унгарија од денеска го презема ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ, а фокус на ова претседавање ќе биде безбедноста.
Токму слоганоѕт „Безбедност, Европа!“, Полска го промовира како мотив во нејзиното шестмесечно претседателство во текот на кое ќе ги поддржува активностите за зајакнување на европската безбедност во нејзините седум димензии: надворешна, внатрешна, информативна, економска, енергетска, храна и здравје.
„За Европа ова е време на искушенија и одлуки. Европската унија мора да се заштити себеси и своите граѓани и да се грижи за своето непосредно соседство, а на Европејците мора да им даде чувство на сигурност и изгледи за развој“, се вели во програмата на полското претседателство.
При презентацијата на приоритетите на претседавањето со Полска, полскиот премиер, Доналд Туск, кој инаку беше претседател на Европскиот совет од 2014 до 2019 година, изјави дека Варшава ќе работи на овие седум сфери на безбедноста во услови на период на предизвици за ЕУ поврзани со „кризите во Украина и на Блискиот Исток и случувањата во Грузија“.
Видете и ова: Бока: Унгарското претседавање со ЕУ беше активно и стратешкоШефот на полската дипломатија Радослав Сикорски, кој засега е единствениот министер за надворешни работи на една европска земја кој по вторпат ќе претседава со Советот на ЕУ по претседавањето во првата половина на 2011 година, оцени дека ова полско претседателство ќе се одвива во многу сложен меѓународен амбиент, кој се карактеризира со војната во Украина, растечки геополитички тензии, особено на Блискиот Исток, зголемени хибридни закани и ширењето на дезинформации.
Кога станува збор за проширувањето, се очекува, Полска особено да посветени внимание на пристапниот процес на Украина, која за време на белгиското претседавање со ЕУ во првата половина на 2023 година доби одлука за старт на преговорите и веќе го започна скрининг процесот. Како што најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на декемврискиот Самит на Унијата, многу веројатно Украина ќе ги започне преговорите по првиот Кластер – Основни вредности во првите месеци од 2025 година.
Извори во полската Мисија при Унијата изјавија дека Полска се надева оти за време на ова нејзино претседавање со Советот на ЕУ, Украина ќе отвори барем еден кластер, дека Молдавија исто така ќе ги започне преговарачкиот процес по кластери, а дека Албанија, Србија и Црна Гора ќе отворат преговори по нови поглавја.
Полското претседателство доаѓа во првите 100 дена од новата Европска комисија и првите месеци од мандатот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Полска посочува дека нејзина задача ќе биде да го зачува единството на ЕУ во односите со САД и смета дека е во добра позиција за оваа улога, имајќи ги предвид добрите билатерални односи со Вашингтон и фактот што, без разлика која партија е на власт, отсекогаш имала јасна трансатлантска ориентација. Меѓу членките на НАТО е една од оние кои најмногу трошат за одбрана.
Видете и ова: Заканите на Трамп за нови царини се лоша вест за европската автомобилска индустријаВо однос на надворешната безбедност, полската влада ја нагласува потребата од зајакнување на европската одбрана, која треба да биде комплементарна на НАТО. Тие вклучуваат повисоки трошоци за одбрана, зајакнување на одбранбената индустрија и решавање на празнините во одбранбените способности.
Внатрешната безбедност вклучува барање нови сеопфатни решенија за прашањето на миграцијата, обезбедување на надворешните граници, намалување на илегалниот влез, поефикасно враќање на илегалните мигранти и одговор на хибридните закани.
Во рамките на информациската безбедност, Унијата и нејзините членки треба да ги препознаат и отстранат дезинформациите и странската манипулација, пренесуваат медиумите во регионот.
За енергетска безбедност, од суштинско значење е да се обезбеди сигурност на снабдувањето со енергија во доволни количини и по пристапни цени. Иако по руската агресија врз Украина, ЕУ го намали увозот на руски гас и нафта за околу две третини, Полска најавува дека ќе промовира целосно напуштање на увозот на енергија од Русија.
Неопходно е да се зајакне позицијата на земјоделците во синџирот на снабдување и да се обезбеди конкурентно и еластично земјоделство кое обезбедува безбедна храна за своето население, вели полското претседателство, зборувајќи за безбедноста на храната.
Во областа на здравствената безбедност, полското претседателство ќе се фокусира на дигиталната трансформација на здравството и потребата да се подобри безбедноста на снабдувањето со лекови во ЕУ, особено од перспектива на пациентите.