Мелони во ненадејна посета на Трамп

Италијанската премиерка Џорџа Мелони со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на 4 јануари во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, (фотографија од кабинетот на италијанскиот премиер обезбедена од Ројтерс)

Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера (4 јануари) во неофицијална, ненадејна посета се сретна со новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, објави нејзиниот кабинет, пренесе АФП.

Фотографиите објавени од кабинетот на екстремно десничарската премиерка ги прикажуваат Мелони и Трамп како позираат на влезот во Мар-а-Лаго и разговараат во просторијата за прием.

Нејзиниот кабинет не објави изјава ниту пак даде детали за посетата.

Фотографиите на двајцата конзервативни лидери се најдоа на насловните страници на сите италијански весници денеска (5 јануари).

Иако не беа откриени детали од нивната средба, италијанските медиуми објавија дека Мелони планира да разговара со Трамп за руската војна во Украина, трговските прашања, Блискиот Исток и апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала во Иран, објави Ројтерс.

Видете и ова: Италијанска новинарка уапсена во Техеран поради „новинарски активности“

Мелони е меѓу неколкуте странски лидери, вклучително и канадскиот премиер Џастин Трудо и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои го посетија Трамп, кој треба да биде инаугуриран по втор пат на 20 јануари.

Италијанската премиерка, која ја предводи крајнодесничарската партија Браќа на Италија, се сретна со Трамп пред четиридневната посета на американскиот претседател Џо Бајден на Рим, каде што се очекува да се сретне со премиерот и со папата Франциск.