Речиси 19500 мигранти престојувале во Србија лани

Прифатен центар на Комесаријатот за бегалци во Суботица на северот на Србија (архивска фотографија)

Во текот на 2024 година во прифатните и азилантските центри во Србија престојувале 19483 мигранти, што е за 82,10 отсто помалку од 2023 година, соопшти Комесаријатот за бегалци и миграција.

Најмногу мигранти имало од Сирија (38,19 отсто), Авганистан (19,93 отсто), Турција (11,95 отсто), Мароко (6,55 отсто) и Ирак (3,44 отсто).

Во Србија престојувале во просек по 14 дена, соопштија од Комесаријатот.

Во центрите моментално има 416 лица, кои се сместени во седум центри за прием и азил.

Видете и ова: Србија досега добила 220 милиони евра од ЕУ за миграцијата и граничната контрола

Моменталното искористување на капацитетите во центрите е околу 13 проценти.

„Секој мигрант кој минувал низ центрите на Комесаријатот добивал сместување, храна, облека, медицинска нега, како и хуман пристап од оние кои работат со него. Обезбеден е пристап до образование и за децата сместени во центрите“, објави Комесаријатот.

Во извештајот меѓудругото се додава дека миграциската состојба во Србија е стабилна.

Србија се наоѓа на таканаречената „Балканска бегалска рута“, преку која, бегајќи од војна и сиромаштија, луѓето во движење се обидуваат да стигнат до некоја од земјите на Европската Унија.