Европската комисија (ЕК) денеска (13 јануари) негираше дека се обидела да ја прикрие здравствената состојба на својата претседателка Урсула фон дер Лајен, која беше хоспитализирана поради тешка пневмонија.
Фон дер Лајен (66) во септември го започна својот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија.
На 3 јануари комисијата изјави дека Фон дер Лајен има „тешка пневмонија“ и дека нејзините активности во следните две недели се откажани.
Детали за нејзината состојба или како за тоа како се разболела не се објавени, иако германската новинска агенција ДПА подоцна објави дека таа била примена во болница. Ова покрена прашања за транспарентноста во моќната извршна власт на ЕУ.
На новинарско прашање зошто се сокриени вестите за нејзината хоспитализација, портпаролката на Европската комисија Пола Пињо изјави: „Рековме дека претседателката имаше тешка пневмонија“.
Видете и ова: Фон дер Лајен: Ќе ги поддржуваме кандидатите за членство сè додека не бидат подготвени да ни се приклучатПињо рече дека медиумите биле информирани оти претседателката ги откажала своите состаноци на почетокот на јануари, но примала важни телефонски повици, вклучително и од италијанската премиерка Џорџа Мелони и дека можела да ги извршува своите должности.
„Затоа ви дадовме критични информации за здравствената состојба на претседателката, така што кажавме каква болест има и колку е сериозна“, рече Пињо одговарајќи на новинарски прашања, без да објасни зошто се сокриени детали од болницата.
Додаде дека претседателката „добро закрепнува“ и треба да се врати во Брисел во нејзината канцеларија на Комисијата, на крајот на оваа недела.
Фон дер Лајен обично има напорен распоред на патувања. Таа следната недела треба да присуствува на седницата на Европскиот парламент во Стразбур, Франција и на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
По преземањето на функцијата во 2019 година, фон дер Лајен ги предводеше напорите на ЕУ за обезбедување вакцини против КОВИД-19 и беше меѓу главните поддржувачи на Украина за време на руската инвазија. Со ослабените влади во Франција и Германија, таа се обиде да одигра поголема улога во активностите на Европската унија.
Извор: АП