Штрајк на администрацијата - вработените бараат покачување на платите за 30 отсто

Протест на администрацијата за повисоки плати, 14 јануари 2025

Вработените од неколку министерства денеска (14 јануари) излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Од 11:00 до 11:30 часот на штрајк ќе излегуваат секој ден оваа недела, а в петок ќе штрајкуваат пред Министерството за финансии.

Тие се разочарани што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навреме доставениот предлог до Министерството за финансии.

„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носењето на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори. Висината на платите на вработените во институциите што денес протестираат почнува од 25010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува приближно 29000 денари, а просечната плата во државата е 42124 денари. Додатокот што го бараме од 30 % значи дека вработените би добиле 6000 денари, износ што би бил зголемен на нивната плата, но и покрај тоа, сите вработени ќе бидат под просекот на државата“, изјави Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ).

Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ)

Деаноски повтори дека ова барање е старо повеќе од четири години и дека за овој додаток на плата протестирале и штрајкувале со години.

„ За жал, ниедна влада досега не го слушна нашиот глас“, изјави Деаноски.

Протест на вработените во јавната администрација, 14 јануари 2025 година

Деаноски апелираше на денешната седница на Владата да се стави точка на дневен ред со која ќе се изнајде начин на кој ќе се обезбедат средствата од буџетот на државата за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените.

Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.