Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев не го прифатил барањето на првообвинетиот за случајот со двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски Палчо за изземање на судијата Ивица Стефановски. Џолев одлучил дека барањето не е основано.
Обвинетиот Палевски на претходното рочиште на 20 декември побара да се изземе претседателот на судечкиот совет Ивица Стефановски, затоа што, како што рече, тој бил необјективен, пристрасен и не му дозволил правична одбрана, како и дека не го барал оружјето со кое се извршени убиствата кај другите обвинети.
Одлуката за неизземање на судијата, претседателот на Кривичен ја донел на 25 декември.
Инаку, доколку беше прифатено барањето за изземање на судијата Стефановски, судскиот процес ќе требаше да започне од почеток.
Видете и ова: Продолжува судењето за убиствата на Вања и ПанчеВо меѓувреме еден од клучните сведоци во случајот Гоце Трајковски, кој со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, воделе паралелна истрага по исчезнувањето на девојчето, и понатаму останува недостапен за органите на прогонот.
Тој, како што информираше судијата, не бил пронајден на неговата адреса од страна на полицијата.
Трајковски е во бегство откако беше осомничен за палење на угостителски објект во скопската населба Кисела Вода.
Денешното рочиште (20 јануари) продолжи со изведување на преостанатите материјални докази, кои останаа неизведени на минатото рочиште. Станува збор за форензички анализи на мобилни телефони.
Покрај Палевски, обвинети во овој случај се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов. На обвинителна клупа седи и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека давал информации за движењето на девојчето.
Сите се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Палевски, како првоосомничен беше уапсен во Турција на 5 декември лани, а турските власти и го екстрадираа на Северна Македонија на 15 мај годинава.