Русија гледа „мал прозорец на можности“ за преговори со Трамп

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва гледа „мал прозорец на можности“ за склучување договори со новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на новинската агенција Интерфакс.

„Не можеме да кажеме ништо денес за степенот на капацитетот на претстојната администрација да преговара, но сепак, во споредба со безнадежноста во секој аспект на претходниот шеф на Белата куќа (Џо Бајден), денес постои прозорец на можности, иако е мал“, рече Рјабков и додаде:

„Затоа, важно е да се разбере со што и со кого ќе треба да се справиме, како најдобро да ги изградиме односите со Вашингтон, како најдобро да ги максимизираме можностите и да ги минимизираме ризиците“, рече тој, говорејќи во Институтот за американски и канадски студии во Москва.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Војната во Украина во 2025 година во услови на промена на политичката клима

Трамп, кој ја презеде функцијата во понеделникот (20 јануари), рече дека може брзо да ја заврши војната во Украина, без да прецизира како.

Тој во вторникот предупреди дека најверојатно ќе воведе повеќе санкции кон Русија доколку претседателот Владимир Путин одбие да преговара за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.

Трамп не даде детали за можните дополнителни санкции кон Русија, која веќе е под значителни западни санкции поради нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.