Косово потпиша договор за слободна трговија со земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), која ги вклучува Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија.
На церемонијата на потпишувањето во Давос, Швајцарија, членките на ЕФТА и косовскиот премиер Албин Курти рекоа дека договорот ќе донесе взаемна корист.
Договорот нуди бројни можности, меѓу кои и увоз и извоз на стоки. Производите со потекло од Косово ќе можат да се извезуваат во земјите на ЕФТА, а локалните компании нема да мора да плаќаат царина за нив.
Домашните производители досега беа принудени да плаќаат и до 10 отсто дополнителни царини.
Видете и ова: НАТО и ЕУ ги зајакнуваат косовските контингенти пред тензичните избори во февруариДоговорот е постигнат по повеќе од две години преговори, а според претседателката на ЕФТА, Сесилија Мирсет, Косово е првата земја од регионот на Западен Балкан која на нејзино барање ги вклучила услугите во овој договор.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека овој договор отвора поглавје за зајакнување на економските односи, како и за подобрување на трговските односи меѓу неговата земја и членките на ЕФТА.
„Договорот што го потпишуваме денеска воспоставува рамка за трговски односи меѓу земјите на ЕФТА и Косово и ќе создаде нови можности со тоа што ќе му овозможи пристап на Косово до пазарите на ЕФТА. Ова отвора нови можности за извоз за нашите компании и подлабока интеграција во европската економска рамка, овозможувајќи ни да се натпреваруваме во поголем обем“, рече Курти на церемонијата на потпишување.