Сенатот го потврди изборот на Трамп за нов директор на ЦИА

Џон Ретклиф за време на положувањето заклетва.

Американскиот Сенат потврди уште еден клучен член на тимот за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, гласајќи Џон Ретклиф да биде 25-ти директор на највисоката национална разузнавачка агенција, ЦИА.

Ретклиф, кој беше директор за национална безбедносна служба на крајот од првиот мандат на Трамп, подоцна во текот на денот положи заклетва на церемонија предводена од потпретседателот Џеј Ди Венс.

Венс го нарече Ретклиф „голем патриот“ и рече дека тој е некој што ја има довербата на претседателот.

Ретклиф сега ќе ја води разузнавачката операција која Трамп и републиканците ја критикуваа дека не можела да собере информации за критичните случувања во места како Украина, Авганистан и Блискиот Исток. Исто така, републиканците ја критикуваа ЦИА и за користење информации во одбрана на политиките на претходната администрација.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во обраќањето до Давос, Трамп се закани со санкции за Русија доколку не заврши војната

Ретклиф минатата недела беше испрашуван од членовите на Комитетот за разузнавање во Сенатот кои се интересираа за тоа дали ќе се отпуштаат вработени поради нивните политички ставови и мислења за Трамп кој често ја напаѓаше ЦИА и нејзините проценки.

Ретклиф вети дека нема да го направи тоа.

Тој на сослушувањето во Сенатот рече дека ЦИА треба да работи подобро и да биде чекор пред глобалните закани од Русија, Кина и другите американски непријатели.

Ретклиф пред сенаторите рече и оти ќе се заложи за употреба на вештачката интелигенција и нови чипови, но и дека ќе го зајакне персоналот кој работи на собирање разузнавачки информации.

„Не сме таму каде што треба да бидеме“, рече тој на сослушувањето.

Исто така, кажа и дека ја гледа Кина како најголем американски надворешнополитички ривал и оти Русија, Иран, Северна Кореја, како и нарко-картелите, хакерските банди и терористичките организации се најголема закана за националната безбедност на САД.