Десетици илјади граѓани на Словачка вечерва (24 јануари) повторно протестираа ширум земјата искажувајќи го гневот против владата на премиерот Роберт Фицо кој инсистира да одржува поблиски врски со Русија.
Во се понапнатата политичка атмосфера, протестите во главниот град Братислава и во градовите низ земјата траат со недели.
Фицо ја засили својата реторика во последните негови изјави, обвинувајќи ги демонстрантите за обид за „државен удар“.
Гласањето за недоверба на словачката влада што требаше да се одржи оваа недела откажано откако пратениците од опозицијата ја напуштија седницата на парламентот.
Но, на улиците борбата против Фицо продолжува.
Граѓанскиот колектив „Мир за Украина“ повика на собири за одбрана на „демократијата“ и членството на земјата во Европската унија.
Видете и ова: Словачката опозиција ќе бара гласање недоверба на владата на ФицоФицо изјави дека разузнавачки извештај ги потврдува неговите тврдења дека опозицијата планирала сценарио „Мајдан“, алудирајќи на масовните протести во Киев во 2014 година со кои беше соборен проруски лидер.
Тој ја обвини опозицијата и дека е подготвена „да ја окупира власта во соработка со странски држави и покрај изборните резултати“.
Фицо свика и седница на Советот за национална безбедност, на која зборуваше за „тешката“ и „невидена“ ситуација.
Протест против проруската политика на словачкиот премиер Фицо
„Тоа е измислена приказна“, возвратија организаторите на протестот на социјалните мрежи.
Тие ја оценија изјавата на Фицо како обид за заплашување додека единствената нивна цел е, велат, мирно да го изразат несогласувањето со тоа во која насока се движи земјата.
Вистинската закана, велат тие, било „мешањето на пријателот (на Фицо) (Владимир) Путин“.
Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во Европската унија, ја приближи Братислава до Москва откако се врати на власт во 2023 година.
Во декември, тој отпатува во Москва за да се сретне со претседателот Владимир Путин, каде што ја критикуваше одлуката на Украина да го затвори протокот на руски гас низ нејзината територија кон Европа.
„Наместо да се занимава со прашања дома, Фицо лета низ светот, им се поклонува на диктаторите и ужива во луксузот“, рече лидерот на опозицијата Михал Шимечка, мислејќи на неодамнешните патувања на премиерот во Русија и Виетнам.
Видете и ова: Фицо го кани Зеленски на разговор за рускиот гас, тој одговори: „Дојдете во Киев“На почетокот на овој месец, десетици илјади луѓе се собраа на протести низ Словачка под слоганот „Словачка не е Русија“.
Како што расте гневот во јавноста, некои навестуваат и можност за предвремени избори.
Според Павол Хардос, професор по политички науки на Универзитетот Комениус во Братислава, тенкото парламентарно мнозинство на владејачката коалиција е „кревко“.
Но, тој верува дека владејачката коалиција – која ја сочинуваат националистичката Словачка национална партија (СНС) и партијата Хлас – „веројатно ќе преживее“ засега.
Во случај на предвремени избори, тој предвидува дека Словачка ќе се соочи со „зголемена поларизација“. Тензиите достигнаа нови нивоа по обидот за атентат врз Фицо во мај 2024 година.
Во отвореното писмо, повеќе од стотина психијатри и психолози изразија загриженост за моменталната клима, барајќи од премиерот „да го промени своето однесување и да размисли за оставка“.
„Вашите постапки поттикнуваат негативна емоционална атмосфера и го делат општеството“, пишуваат авторите на писмото.
Тие ги осудија, како што наведоа, „манипулирањето со факти“, „лагите“ и повеќекратните „напади“ врз опозицијата и медиумите.
Видете и ова: Фицо: Словачка може да ја запре помошта за Украина поради прекинот на испораката на гасИсто така, осуда испратија и за, како што велат, сè по „авторитарната“ промена налик на соседна Унгарија под водство на Виктор Орбан, како и надворешната политика што е „против вредностите на ЕУ и НАТО“.
Во 2018 година, Фицо беше принуден да поднесе оставка по убиството на Јан Куцијак, новинар кој истражуваше корупција на високо ниво. Убиството ги предизвика најголемите демонстрации од падот на комунизмот во 1989 година.