Словачкиот левичарски премиер Роберт Фицо на 31 јанури изјави дека има докази дека „одредени мрежи“ поврзани со Украина се обидуваат да ја дестабилизираат Словачка и да ја соборат неговата влада, јавува германската новинска агенција ДПА.
Фицо изјави дека еден украински државјанин кој е поврзан со ова е во притвор, очекувајќи депортација. Тој додаде дека повеќе луѓе би можело да бидат протерани од земјата.
„Словачка, исто така, воведе неколку забрани за влез,“ додаде премиерот Фицо кој не го откри идентитетот на уапсениот Украинец.
Според него, словачките служби имале докази дека организаторите на неодамнешната серија масовни протести против словачката влада не само што биле тесно поврзани со делови од словачката опозиција, туку и со таканаречената Грузиска легија.
Видете и ова: Илјадници Словаци пак протестираа против проруската политика на ФицоТоа е доброволно здружение формирано од Грузијци кои се борат на украинската страна против Русија, која ја нападна Украина пред речиси три години.
Фицо посочи дека претставниците на Грузиската легија ги користат украинските разузнавачки служби за активности во странство.
„Воведена е забрана за влез на водачот на здружението Мамука Мамулашвили и на неколку други неименувани лица“, рече тој.
Советник на словачката влада претходно објави фотографија на која се гледа либералната опозициска политичарка Луција Стаселова заедно со Мамулашвили на презентација на книга.
Стаселова е водечки претставник на граѓанската иницијатива Мир за Украина (Mier Ukrajine), и официјалниот организатор на неодамнешните антивладини демонстрации во Словачка. Иницијативата е посветена на воена поддршка за Украина и повика на оставка на Фицо.
Претставниците на опозицијата ја отфрлија изјавата на Фицо како „теории на заговор“.
Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во Европската унија, ја приближи Братислава до Москва откако се врати на власт во 2023 година.
Десетици илјади граѓани на Словачка изминатиов период протестираа ширум земјата искажувајќи го гневот против владата на премиерот Роберт Фицо кој инсистира да одржува поблиски врски со Русија. Во се понапнатата политичка атмосфера, протестите во главниот град Братислава и во градовите низ земјата траат со недели. Фицо ја засили својата реторика во последните негови изјави, обвинувајќи ги демонстрантите за обид за „државен удар“.