Првите француски борбени авиони Мираж испорачани во Украина

Француските пилоти стојат до борбен авион Мираж на 23 јуни 2007 година

Франција денеска (6 февруари) ја потврди испораката на борбени авиони Мираж 2000-5 (Mirage) во Украината, со што земјата значително ќе ја зголеми способноста за да го брани својот воздушен простор по речиси секојдневните руски напади.

„Првиот од овие авиони денес стигна во Украина“, објави францускиот министер за одбрана, Себастијен Лекорну на социјалната мрежа X (Икс)

Тој не наведе повеќе детали , како што е бројот на авиони кои се испорачани.

„Со украинските пилоти во авионите по неколкумесечната обука во Франција, тие сега ќе бидат од помош во одбраната на небото над Украина“, додаде Лекорну.

Франција најави дека на почетокот на 2025 година ќе ѝ испорача на Украина борбени авиони Мираж 2000, вооружени со ракети воздух-земја и опрема за електронско војување, пренесе редакцијата на РСЕ на англиски јазик.

Видете и ова: Трамп може да ја заврши војната во Украина за неколку месеци, вели неговиот претставник

Украина долго време бараше модерни западни авиони, особено од американските Ф-16 и ловците Мираж. Неколку сојузни држави во 2023 се согласија да испратат Ф-16 во Украина со одобрение на САД, а првата серија пристигна во август 2024.

„Ова е уште еден чекор во зајакнувањето на безбедноста на Украина“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски по повод доаѓањето на авионите кои би можеле да летаат со двојно поголема брзина од брзината на звукот.

„Со најновите испораки, исто така продолжуваме да ја шириме нашата Ф-16 флота, а Холандија ги исполнува своите обврски за поддршка на овие напори.

Украина се обидува да ги задуши руските воздушни напади и да ги забави придобивките на Москва на фронтот, како што војната се приближува кон својата трета годишнина на 24 февруари.

Во исто време, Киев ја презема офанзивата каде што може да ја зајакне својата позиција, бидејќи Западот се обидува да ги забрза преговорите за прекин на огнот и конечен мировен договор. Генералштабот на Вооружените сили на Украина денеска потврди напад со беспилотно летало врз воздухопловната база Приморско-Ахтарск во рускиот Краснодарски крај.

Според украинските воени официјални лица, базата служела како клучна локација за складирање, подготовка и распоредување на беспилотни летала Shahed и одржување на авиони за поддршка на руските операции во украинските области Запорожје и Херсон.

Видете и ова: Орбан: Унгарија е во преговори со САД за постигнување добар договор


Руските Телеграм канали и жителите на градот Приморско-Ахтарск пријавија напад со беспилотно летало, а на видеата кои кружат на интернет прикажан е пламен во близина на аеродромот.

Шефот на локалниот округ потврди дека системите за воздушна одбрана биле активирани поради беспилотни летала.

Руското министерство за одбрана соопшти дека неговата воздушна одбрана соборила 28 украински беспилотни летала преку ноќта - 13 над Азовското Море, осум над Ростовската област, шест над Краснодарскиот крај и еден над Астрахан.

Во друг инцидент, три лица наводно се убиени во напад од украинско беспилотно летало во руската област Белгород, која се граничи со Украина.

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков напиша на Телеграм дека инцидентот се случил во близина на селото Логачевка, во коешто влезот е забрането, бидејќи таму е прогласена вонредна состојба поради закана од напади со беспилотни летала од крајот на октомври 2022 година.