Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина, објави Њујорк пост доцна во саботата (8 февруари).
На прашањето колку пати разговарале двајцата лидери, Трамп рече дека е „подобро да не зборува“.
„Тој (Путин) сака луѓето да престанат да умираат“, изјави Трамп за Њујорк пост.
Ниту Кремљ, ниту Белата куќа не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар надвор од работното време.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ниту ја потврди ниту ја демантираше информацијата на Њујорк пост за телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
„Додека администрацијата во Вашингтон ја врши својата работа, се појавуваат многу различни комуникации, а овие комуникации се одвиваат преку различни канали. И, се разбира, со оглед на мноштвото на овие комуникации, јас лично можеби нешто знам или не знам. Затоа, во овој случај, не можам ниту да потврдам, ниту да демантирам", изјави Песков за Интерфакс.
Кон крајот на јануари, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин е подготвен да има телефонски разговор со Трамп и дека Москва е подготвена.
Трамп во петокот (7 февруари) рече дека најверојатно ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски следната недела за да разговара за завршување на војната.
Видете и ова: Трамп вели дека „најверојатно“ ќе се сретне со Зеленски следната неделаВојната, која започна со целосната инвазија на Русија врз Украина, ќе ја одбележи својата трета годишнина на 24 февруари. Илјадници луѓе, огромно мнозинство Украинци, се убиени за време на конфликтот.
Трамп за Њујорк пост изјави дека „секогаш имал добри односи со Путин“ и дека има конкретен план за ставање крај на војната. Сепак, тој не откри повеќе детали.
„Се надевам дека ќе биде брзо“, рече Трамп. „Луѓето умираат секој ден. Оваа војна во Украина е толку лоша. Сакам да ставам крај на оваа проклета работа.“