Со измени и дополнување на Законот за јавно здравје да се ограничи можноста за извршување на естетски медицински интервенции од лица кои немаат медицинска квалификација. Ова го бараат Здружението на дерматовенеролози, Македонската асоцијација на пластични, реконструктивни и естетски хирурзи и Здружението за естетска медицина од каде велат дека на овој начин ќе се зајакнат стандардите за безбедност и квалитет во оваа област.
„Иницијативата е поради сѐ почестата злоупотреба на медицински помагала во контекст на употреба на хилајуронски филери, неуротоксин од страна на немедицински лица и сѐ поголемиот број на комликации од истите“, вели д-р Игор Пеев од Здружението на дерматовенеролози.
Трите здруженија своите барања веќе ги испратиле до министерот и заменик министерот за здравство и до собраниската Комисија за здравство.
Видете и ова: Големи амбиции за болницата „8 Септември“Иницијативата вклучува и измена и дополнување на Законот за јавно здравје, особено во како што велат, сегментот на неговата застареност и недореченост. Од здруженијата сметаат дека тоа дозволува несоодветна примена и го загрозува здравјето на пациентите при изведување на медицински процедури од немедицински лица.
Д-р Анџелка Илиева од Здружението за естетска медицина предупреди дека последиците од нестручен третман можат да бидат навистина сериозни.
„Започнувајќи од ткивни инфекции, комликации на кожата кои можат да доведат и до сепса, понатаму запушување на крвни садови поради кои може да доведе до изумирање на дел од ткивото со трајни последици, ботулизам и.т.н...така што последиците се навистина сериозни. За жал, дел од нив се и ревирзибилни како што е на пример слепило кое може да биде предизвикано како последица на запушување на крвен сад“, рече д-р Илиева.
Таа истакна дека со предложените измени на Законот за јавно здравје, пациентите ќе бидат заштитени од несоодветно изведени интервенции и ќе се воспостават јасни правила за тоа кој може да извршува ваков вид медицински процедури.
Во насока на подигнување на свеста и стручната едукација, во сабота, на 22 февруари во Скопје ќе се одржи Шестиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество. Овој настан ќе обедини експерти од земјата и регионот, со цел размена на искуства и презентирање на најновите достигнувања во областа на естетската медицина.