Владата бара да се разреши државниот јавен обвинител, Коцевски

Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител - архивска фотографија

Владата денеска (11 февруари) го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, изјави на прес конференција владината портпаролка, Марија Митева.

„Најпрво, се отвори расправата за последниот индекс на транспарентност кој беше објавен денес и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обвинителството и судството“, образложи Митева.

Дополнително, рече таа, последното именување за вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје е надвор од одредбите пропишани во Законот за јавното обвинителство.

Видете и ова: Вишото јавно обвинителство доби нов шеф, додека досегашниот има кривична пријава

Премиерот, Христијан Мицкоски лани во ноември од собраниската говорница реагираше дека неколку стотици случаи од МВР и од Финансиската полиција се наоѓаат во Обвинителството, но по нив не се постапува. Тој најави „робусна акција“ против сите судии и обвинители кои како што рече, го заробиле судскиот систем додавајќи дека трпение повеќе нема да има.

„Очигледно дека прежостоки се нападите наеднаш на дијареа, грчеви во цревата, главоболка, температура, анксиозност и така натаму кога ќе треба да се потпише последниот указ за да се спроведе правдата, кај поедини обвинители, за жал“, рече премиерот.

Државен јавен обвинител, Коцевски подоцна ги оцени како неосновани обвинувањата на премиерот дека некои обвинители не си ја вршеле работата под изговор дека имаат здравствени проблеми.

„Ако се однесува на тој еден случај, тоа беше пред некаде дваесетина дена кога предметниот обвинител имаше вирус и не можеше да дојде на закажаниот состанок. Истиот се одложи за три-четири-пет дена, со тоа што присуствуваше потоа и од тогаш до денес има одржано неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети“, изјави Коцевски на 29 ноември пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители.

Еден месец подоцна, во интервју за Радио Слободна Европа тој рече дека не очекува да го разрешат, и покрај незадоволството на Мицкоски.

Видете и ова: Државниот обвинител не очекува да го разрешат и покрај незадоволството на Мицкоски

„Лично јас, а сметам дека и јавните обвинители не чувствуваат никаков притисок затоа што работат согласно закон. Во законот за јавно обвинителство се строго определени условите под кои може да биде разрешен државниот јавен обвинител. Работата ја работам чесно и одговорно и ќе продолжам така“, рече Коцевски.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години. Коцевски дојде на оваа позиција пред една година.

Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција. Тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, но и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.

Претходниот државен обвинител Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.