Продолжува расправата за концепцијата за гимназиско образование, средношколците ќе имаат нови учебници

Весна Јаневска, министерка за образование

Се уште се дискутира за предлозите и барањата што стигнуваат во врска со концепцијата за реформи во гимназиското образование, изјави денеска (13 февруари)министерката за образование Весна Јаневска.

Таа додаде дека наставните програми ќе се менуваат од септември, а учениците „ќе имаат нови учебници за средно гимназиско“.

„За концепцијата ќе имаме приближно една година време за да ја стокмиме така како што треба да изгледа и да биде соодветна на програмите од Европска Унија за нашите гимназијалци, кои ќе го продолжуваат школувањето овде, а дел од нив и во странство, да се подготвени на соодветното ниво за понатамошното образование, рече Јаневска.

Видете и ова: Јавна расправа, но и јавен револт за реформите во гимназиско образование

Предлозите што стигнале до Бирото за развој на образованието „се однесувале, генерално, на зголемен број на часови на секој од предметите и дополнување на дополнителни предмети“.

„Кога Бирото го направи распоредот на часови, според барањата на стручната јавност, здруженијата на наставниците, излезе дека учениците секоја година, од прва до четврта, треба да бидат на училиште најмалку 10 до 11 часа. За да нема забуна, се мисли на 10 до 11 саати во работниот ден. Тоа не е можно и жал ми е што нема да можеме баш така како што поединечно замислуваат да го остваруваме. Сето тоа ќе треба да се изанализира, искомбинира. Да, нашите деца да бидат подолго на училиште, но тие не може да бидат 11 саати во денот на часови“, истакна министерката, додавајќи дека покрај наставни часови тие треба да имаат и воннаставни активности.

Јаневска соопшти дека во моментов во 141 училиште низ државава е воведена едносменска настава – процес што тече паралелно со проектот за оптимизација на училишната мрежа односно, малиот број ученици, кои се изолирани во подрачни училишта, да бидат преместени во централните училишта.

За таа цел, додаде министерката, се прават планови за доградба на училници или, во некои општини како Аеродром, Кисела Вода и Чаир, за изградба на нови училишни објекти.