Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами за злоупотреба на службена положба и овластување, нанесувајќи му штета на ацкионерското друштво од 400.586 евра.
Финансиската полиција го сомничи Бајрами дека склучил договор за закуп на простории за потребите на Лотарија кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.
„Пријавениот склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по м2 иако во тој период цената за м2 за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2.5 до 4.5 евра. Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот - деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија“, појаснуваат од Финансиската полиција.
Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евраВо пријавата се наведува дека Бајрами предвидел посебен услов во јавниот повик, деловниот објект и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од најмалку 2000 до најмногу 2500 м2 и истиот склучил договор за закуп на објект – деловни простории со површина од 2426 м2 иако вкупната површина на објектот по имотен лист изнесува 2924 м2.
Во пријавата се наведува и дека Бајрами иако во јавниот повик за прибирање понуди за закуп за деловни простории предвидел посебен услов понудувачот да има сопствено дворното место на објектот и да има простор за најмалку 50 паркинг места за патнички и товарни возила, истото не било опфатено во договорот за закуп склучен на 05.07. 2023 година.
Епилог по истражувањата на Радио Слободна Европа
Кривичната пријава на Финансиската полиција против екс директорот Перпарим Бајрами доаѓа како резултат на серијата истражувања на РСЕ за закупот на поранешниот ресторан за свадби кој беше избран за нов деловен простор на акционерското друштво.
Уште во октомври 2023 година, РСЕ објави дека Државна лотарија закупила деловен простор во скопско Визбегово. Според договорот за закуп, акционерското друштво се обврза да исплати 2,6 милиони евра на „Хеј ДООЕЛ“ за рентање на простор во следните 10 години. Односно, по речиси 22.000 евра месечна кирија.
Договор за закуп на деловни простории меѓу Државна лотарија на Република Северна Македонија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“
Компанијата го купи земјиштето и објектот неколку месеци пред да склучи договор со Државна лотарија.
Прв сопственик на „Хеј ДООЕЛ“ беше Армин Машовиќ, а две недели како управител беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на поранешниот вицепремиер Артан Груби.
Веб - страницата на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ беше регистрирана на лицето Шабан Амзовски, кој воедно беше и член на управниот обор на Државна лотарија.
Подоцна, сопственоста премина во рацете на газдата на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски.
Видете и ова: Газдата на „Пуцко Петрол“ стана нов сопственик на фирмата што ѝ рента простории на Лотарија за 2,6 милиони евраЗа 13 месеци Државна лотарија и исплати над 300 илјади евра на „Хеј ДООЕЛ“ за закупот на поранешниот ресторан.
Во септември 2024 година, Државната лотарија еднострано го раскина овој договор, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека е основа за покренување кривична постапка.
Видете и ова: Мицкоски: Злоупотребите во Државна лотарија се поголеми од осум милиони евраМинистерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати.
И Перпарим Бајрами и Артан Груби се недостапни за органите на прогонот.