Јаневска: Со новиот Закон за високо образование ќе се реформира Агенцијата за квалитет во високото образование

Весна Јаневска, министерка за образование и наука/архивска фотографија

Новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО) – информираше денеска (19 февруари) на прес конференција, министерката за образование и наука Весна Јаневска.

„Агенцијата за квалитет во високо образование, не ги задоволува потребите и на вака релативно слабо поставен образовен систем и проблеми што се наоѓаат во високото образование. Очекуваме нов директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, бидејќи стариот е разрешен во Собрание. Ќе си распише Собранието конкурс, ќе има нов директор. Но, новиот закон за високо образование што го работиме, предвидува реформа на оваа институција“, посочи Јаневска.

Според неа, очекувањата од новите законски измени се тие да доведат до поголема функционалност на оваа Агенција и таа да ги исполнува функциите што треба да ги прави.

Одговарајќи на новинарското прашање зошто одреди студии не добиваат акредитации а за нив има интерес, таа рече дека не може да каже зошто досега имало пречки од таков вид.

„Тоа прашање треба да го упатите до Одборот, директорот на Агенцијата претходен, на членовите од Одборот за акредитација и евалуација. Ниедна евалуација не е направена од постоењето на Агенцијата, за жал. Ние сакавме да направиме минатата година, одвоивме средства, но, не успеавме заради внатрешни проблеми на Агенцијата“, појасни ресорната министерка.

Изрази надеж дека со новото раководство ќе почне соработката за да може да се воведат нови студиски програми, некои да се стават во мирување, дел да се укинат.

Видете и ова: Јаневска: Откриени нерегуларности на универзитетите во Тетово, Струга, Охрид…

Јаневска информираше и дека Министерството продолжува да работи на решавање на концепцијата за средно гимназиско образование.

Прашана во врска со образовни асистенти во средните училишта, таа рече дека ќе се потрудат да обезбедат за ученици кои ќе имаат потреба од нив.

„Законот вчера помина на Влада и ќе оди во собраниска процедура. Претходниот закон не предвидуваше образовни асистенти во средните училишта. Овој закон предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Тоа што е сигурно е дека тие од септември оваа година, ќе имаат образовни асистенти, а во моментов, доколку има сериозна потреба и непополнето место за образовен асистент, ќе се потрудиме да обезбедиме и за овие ученици“, одговори Јаневска.

Инаку, новиот Закон за високо образование треба да биде усвоен во текот на оваа година. Јаневска за ова информираше од собраниската говорница за време на седницата за пратенички прашања на 28 ноември лани.