Трета недела застој во работата на ПЕТ-центарот, се менуваат хепа филтрите

Илустрација

Редовниот сервис за промена на хепа филтрите ја „закочи“ работата на единствениот државен ПЕТ-центар, кој не работи веќе три недели. Директорката на Универзитетскиот институт за позитронско-емисиона томографија, Невена Маневска најавува дека од понеделник сѐ продолжува да функционира нормално, додека опозицијата бара одговорност и од неа и од министерот, Арбен Таравари.

Министерството за здравство попладнево соопшти дека хепа филтрите покажале заситеност, а без нив процесот не може да тече.

-За секоја промена законски мора да се направи реквалификација на чистите соби во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици, а истовремено оваа процедура е неопходна за воведување нова метода во интерес на пациентите со цел зајакнување на дејноста – информираше денеска (19 февруари) ресорното министерство.

Во соопштението се додава дека новото раководство на ПЕТ центарот изготвило нов динамичен план за надминување на затекнатиот проблем со листи на чекање во оваа установа.

Соопштението на Министерството за здравство следува откако опозициската СДСМ обвини за хаос во македонското здравство.

Видете и ова: Големи амбиции за болницата „8 Септември“

Симона Цветановски од Извршниот одбор на партијата, на прес конференција реагираше дека поради нефункционирањето на ПЕТ-скенерот, пациентите со рак се оставени без неопходното снимање.

„Наместо соодветен третман во јавното здравство, тие се принудени да бараат алтернативни решенија во приватните болници, каде што цените се екстремно високи, или во здравствени установи во регионот, што дополнително го зголемува нивниот финансиски и психолошки товар“, изјави Цветановски.

Таа рече дека министерот Таравари и Владата покажуваат „целосна неспособност во управувањето со здравствениот систем, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и пациентите“.

„Министерството за здравство мора веднаш да ја стави во функција дијагностичката апаратура и да обезбеди континуирано снабдување со неопходните терапии“, додаде Цветановска.

Директорката Маневска пак, потоа информираше хепа филтрите во ПЕТ-центарот не биле сменети десет години.

„Заради нивна презаситеност и затекната нарачка на погрешни филтри, мораше да се набават соодветни со што процесот во одделот за производство на радиоизотопи и синтеза на радиофармацевтици ќе тече непречено“, објасни Маневска – јави новинската агенција МИА.

Маневска која затекнала листа на чекање со 700 пациенти, изјави дека термините двојно се зголемени и се прават напори за да се намали листата на пациенти кои чекаат за преглед.

Нефункционирањето на ПЕТ-центарот е само дел од бројните предизвици пред кои се исправени онколошките пациенти во земјава. Минатиот месец тие две недели без оставени без биолошка терапија. На Клиниката за онкологија и радиотерапија се јави недостиг на шест биолошки лекови, чиј дефицит потоа беше решен со донации и со анекси на договорите во јавните набавки.

Министерот за здравство, Таравари на 27 јануари најави реорганизација на оваа Клиника, со што ќе се децентрализираат третманите на пациентите со карцином.