Хамас ослободи нови заложници

Израелци собрани на плоштадот во Тел Авив го гледаат ослободувањето на заложниците, 22 февруари 2025 година.

Хамас, кој САД, ЕУ и многу други земји го сметаат за терористичка организација, на 22-ри февруари ослободи двајца заложници и се очекува да ослободи уште четворица во замена за стотици палестински затвореници.

Израел потврди дека е предадено и телото на убиената заложничка Ширије Бибас.

Тал Шохам (40) и Авера Менгисту (39) беа предадени на Црвениот крст во Рафа во јужниот дел на Газа, откако вооружени милитанти на Хамас ги изнесоа на сцената, јавува агенцијата АФП.

Доцна денеска се очекува да бидат ослободени уште четворица заложници во центарот на Газа.

Шестмината заложници кои се предвидува да бидат ослободени во сабота се последните преживеани заложници од групата од 33 планирани да бидат ослободени во првата фаза од договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 19-ти јануари.

Видете и ова: Самит за обнова на Газа во Саудиска Арабија

Четворицата заложници, Шохам, Ели Коен (27), Омер Шем Тов (22) и Омер Венкерт (23), беа заробени од Хамас за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Шохам беше киднапиран од кибуцот Беери со сопругата и двете деца, кои беа ослободени по краткото примирје во октомври 2023 година. Останатите тројца беа киднапирани од блискиот музички фестивал Нова.

Останатите двајца, Хишам Ал-Сајед (36) и Менгисту, ги држи Хамас откако ја нападна Газа пред десет години.

Стотици Израелци се собраа на дождот на она што стана познато како „Плоштад на заложниците“ во Тел Авив гледајќи го ослободувањето на голем екран.

Понатаму на југ, повеќе луѓе се наредени на патот во близина на границата со Газа за да го пречекаат конвојот со ослободените затвореници.

Ослободувањата во режија на Хамас, кои вклучуваа јавни церемонии во кои затворениците беа изведени на сцена, а некои беа принудени да зборуваат, се соочуваат со зголемени критики, вклучително и од Обединетите нации, кои го осудија „парадирањето на заложниците“.