Тимовите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) констатирале повеќе неправилности за време на контролите кај трговците на мало спроведени изминатите денови, откри заменик-министерот за економија Марјан Ристески.
Тој најави дека можно е да има и најстроги казни за дел од нив – затворање маркети.
Како што рече, на терен се 50-тина тимови од ДПИ.
„Се контролираат маркети, аптеки, тобако-трафики, секаде каде се продава на мало. Констатирани се повеќе неправилности. Има неправилности во однос на означување на намалените производи, при утврдувањето на маржите, на цените, во сметководствената евиденција… Наредната недела ќе има изрекување казни за најнедисциплинираните, а не е исклучено некои маркети да бидат и затворени“, изјави Ристески од Прилеп на 1 март.
Видете и ова: Строги казни против високите цени – истрага за картелско договарање на маркетитеПоради високите цени, во тек е постапка за „картелско здружување“ во која Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) утврдува дали четири големи ланци на маркети заедно со Сојузот на стопански комори (ССК) се договарале да влијаат врз цените.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата стручно си ја извршува работата и доколку утврдат такво здружување, ќе има казни предвидени со Законот за заштита на потрошувачите“, вели Ристески.
Тој најави дека идната недела инспекторите ќе ги контролираат и сите дистрибутери и поголемите увозници во земјава.
Минатиот месец, Владата донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа на дел од прехранбените производи. Одлуката беше објавена во службен весник на 19 февруари, а заменик-министерот за економија денеска оцени дека мерката дава резултати. Таа опфаќа 102 групи производи односно околу 1.200 производи.
Видете и ова: Ивановска: Инфлацијата донесе пандемија на панични нападиОпозицијата, пак, постојано ја критикува власта дека цените се високи, а стандардот на граѓаните опаѓа.
„Трошоците на живот во јануари 2025 се зголемени за 4,9%, а индексот на цени на мало пораснал за 5,2%. Потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари. За да преживее едно семејство, денес му се потребни речиси три минимални плати“, реагираше лидерот на СДСМ на прес-конференција на 26 февруари.
СДСМ претходно предложи и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, како и намалување на данокот за електрична енергија од 18 на 5 отсто, но владејачкото мнозинство не го прифати предлогот.