Трамп ја прекина воената помош за Украина по жестоката конфронтација со Зеленски

илустрација

Американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина сета воена помош за Украина по конфронтацијата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба минатата недела, објавија американските медиуми.

Официјален претставник на Белата куќа, цитиран од Ројтерс, рече дека Соединетите Држави ја прекинуваат и ја разгледуваат помошта за Украина „за да се осигураат дека таа придонесува за решение“.

Оваа пауза ќе трае додека Трамп не утврди дека лидерите на земјата ќе покажат искрена посветеност на мирот, јавуваат Блумберг и Фокс њуз.

„Ова не е трајно прекинување на помошта, тоа е пауза“, цитира Фокс њуз претставник на администрацијата на Трамп.

Соединетите Држави претходно на 3 март го притиснаа Зеленски да се усогласи со притисокот на Вашингтон за договор за прекин на борбите во Украина, додека европските лидери се обидуваат да преземат посилна улога по вербалниот судир на украинскиот претседател со Трамп во Белата куќа.

Трамп рече дека неговото трпение е при крај, критикувајќи го отпорот на Зеленски кон изгледите за брз прекин на огнот без конкретните безбедносни гаранции што Киев ги бара од Вашингтон.

Видете и ова: По „ролеркостер дипломатијата“, Европа сака да го врати моментумот за Украина

Откако Зеленски на 3 март рече дека крајот на војната е „многу, многу далеку“, Трамп во објавата на социјалните мрежи напиша:

„Ова е најлошата изјава што Зеленски можеше да ја даде и Америка нема да ја толерира уште долго“.

Тој додаде дека Зеленски „не сака мир се додека има поддршка од Америка“, напиша Трамп.

Објавата на платформата „Truth Social“ на Трамп сугерира дека поправката на односите со Белата куќа, како што го повикаа европските лидери Зеленски, ќе биде тешка задача по судирот во Овалната соба во кој Трамп и потпретседателот Венс го критикуваа украинскиот лидер пред новинарите.

Зеленски ја напушти Белата куќа на 28 февруари без да потпише договор што требаше да им овозможи на Американците пристап до минералите и природните ресурси на ретки земји во Украина, како што беше планирано. По тој дебакл, американските власти го повикаа Зеленски да се извини.