Основното јавно обвинителство во Белград упати барање до полицијата за прибирање на потребните информации во врска со инцидентот во Собранието на Србија каде беа активирани пиротехнички средства.
Обвинителството соопшти дека барањето е упатено со цел да се утврдат извршителите и постоењето на суштинските елементи на кривичното дело Тешки дела против јавната безбедност. До инцидентот во собраниската сала дојде откако владеачката коалиција го усвои дневниот ред на кој се противеше опозицијата и кога опозициските пратеници ги напуштија своите места, активирајќи пиротехнички средства.
Обвинителството соопшти дека е наредено да се утврдат фактите и да се приберат сите достапни докази со цел да се утврди идентитетот на лицата кои ги внеле и употребиле пиротехничките средства, како и начинот кој начин тие биле внесени во Парламентот. Исто така, наредено е да се утврди идентитетот на лицата кои како што е наведено, фрлале различни предмети и со тоа им нанеле повреди на народните избраници.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека е наредено да се утврди идентитетот на повредените народни избраници, како и да се обезбеди медицинската документација за здобиените повреди.
Врховното јавно обвинителство соопшти дека пратеничкиот имунитет не штити од кривично гонење за извршени кривични дела. Ова Обвинителство наведе и дека повикува на „моментално смирување на ситуацијата во Народното собрание“.
Власта го усвои дневниот ред со 62 точки и го одби барањето на опозицијата да се расправа само за измените на Законот за високо образование со кои се исполнува четвртото барање на студентите во рамките на блокадата.
Студентите со протести блокираат повеќе од 60 факултети ширум целата земја, а нивното клучно барање е да се утврди кривична и политичка одговорност за загинувањето на 15 лица во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.
Протестите и блокадите се одржуваат веќе четири месеци. Првото барање на студентите е да се објави целосната документација за реконструкцијата на станицата, со цел да се утврди одговорноста за несреќата.
Тие, исто така, бараат санкционирање на напаѓачите на студентите на протестите што следеа по несреќата во Нови Сад и суспензија на постапките против уапсените демонстранти.
Студентите, исто така, бараат 20% зголемување на буџетот за високото образование.
Претседателката на Националното собрание, Ана Брнабич, претходно изјави дека е постигнат договор со претставници на сите државни универзитети за измените на Законот за високо образование и дека ова студентско барање е исполнето.
Според владата, заедно со зголемувањето на буџетот, биле исполнети и други барања на студентите.
Студентите најавуваат дека блокадите и протестите продолжуваат и дека експертските групи ќе утврдат дали барањата се исполнети или не.