Судири меѓу полицијата и демонстрантите пред градското собрание на Белград

Поглед од внатрешноста на влезот во градското собрание на Белград по инцидентите, 6 март 2025 година

Демонстранти со јајца и црвена боја ја гаѓаа зградата на градското собрание на Белград, каде што се одржа седница, на која, меѓу другото, беа усвоени ребалансот на буџетот за градските јавни комунални претпријатија и деталните урбанистички регулациски планови за градот.

Како што јави репортерот на Радио Слободна Европа (РСЕ), дошло до судир меѓу полицијата и демонстрантите.

Ѓорѓе Микетиќ од Иницијативата „Мостот останува“ (Мост остаје) во изјава за РСЕ рече дека полицијата привела петмина активисти на иницијативата.

Засега нема официјална информација од српското Министерство за внатрешни работи (МВП) за бројот на приведените.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата пристигнала пред зградата на белградскиот парламент „кога била повикана од вработени во таа институција за да се зачува јавниот ред и мир“.

Тој на седницата на српскиот парламент рече дека „полицијата не малтретирала граѓани и не ги идентификувала“.

„Дојдовме како полиција, бевме поканети од Градското собрание да го одржуваме јавниот ред и мир. Ние не одлучуваме кој влегува во зградата. Претпоставувам дека некој што е советник може да влезе, но никој не смее да внесе опасни предмети во зградата“, рече Дачиќ.

Видете и ова: Инцидент во српското Собрание, чад и хаос во салата

Во меѓувреме, ситуацијата пред градското собрание е смирена, јавува репортерот на РСЕ.

Улицата се уште е блокирана за сообраќај, полициски кордон се уште ја обезбедува зградата на Собранието, додека внатре во зградата има и полицајци.

Претставниците на иницијативата „Мостот останува“ и опозициските политичари ги повикаа насобраните да протестираат пред полициската станица во општината Нов Белград, каде што сметаат дека полицијата ги одвела приведените активисти.

По уривањето на настрешница во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени, во градовите ширум Србија се одржуваат протести на чело со студенти кои три месеци ги блокираа факултетите, барајќи одговорност за смртта.

Студентите бараат и кривично гонење на одговорните за нападите врз нив и граѓаните за време на протестите.

Голем број основни и средни училишта им се придружија на учениците во прекинот на наставата.

Власта ги осудува блокадите и протестите, тврдејќи дека се исполнети барањата што студентите ги негираат и продолжуваат со блокадите и протестите.