Северна Македонија стана дел од СЕПА, единствената зона за плаќање во евра

Илустрација - Банкноти во евра

Европскиот совет за плаќања денеска ја прифати нашата земја како 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), соопшти Народната банка.

„Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, посочува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.

Видете и ова: Каков ќар ќе имаат граѓаните и бизнисот од системот за плаќање во евра

СЕПА е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на Европската Унија (ЕУ) и Евросистемот, за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар. СЕПА е востановена во 2008 година, а целосно е имплеменетирана во 2014 година во земјите во евро-зоната, додека во останатите земји членки на СЕПА во 2016 година.

Северна Македонија својата подготовка за членство во СЕПА ја започна 2013 година со Националната стратегија за развој на платни системи, во 2023 година беше усвоена нова правна рамка која даде основи за наше пристапување кон Единствената област за плаќања во евра. Во април 2024 година земјава ја поднесе до ЕК предапликацијата за СЕПА, а на 10 јули истата година и официјалната апликација.