Трамп го одложи воведувањето царина за Мексико

Американскиот претседател Доналд Трамп, 4 февруари 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го одложил воведувањето царина од 25 отсто за повеќето стоки од Мексико за еден месец.

Најавата на Трамп доаѓа откако американскиот секретар за трговија Хауард Лутник рече дека царините за Канада и Мексико „веројатно“ ќе бидат одложени.

Ова е втор пат Трамп да го одложи стапувањето во сила на царините што беа објавени на почетокот на февруари. Одлуката се однесува на стоки кои се во согласност со трговскиот договор за кој Трамп преговараше со Канада и Мексико за време на неговиот прв претседателски мандат.

„Напорно работиме заедно на границата, како во однос на запирање на илегалните имигранти да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанилот“, напиша Трамп на мрежата Truth Social.

Заканите на Трамп за увозни царини ги вознемирија финансиските пазари и ја намалија довербата на потрошувачите, а создадоа и несигурност за многу компании.

Видете и ова: Трудо: Канада ќе воведе соодветни тарифи за американските производи

Лутник рече дека реципрочните царини, кои САД ги применуваат за земјите кои воведуваат даноци за американските извозници, ќе стапат на сила на 2 април.

Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска (6 март) навести дека е можна едномесечна суспензија „во согласност со дискусиите што се водени со администрацијата на Трамп“.