Европската Унија смета дека Србија ги прекршила своите обврски од Охридскиот договор постапувајќи по барањето на Косово да биде специјален гостин на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
„Однесувањето на Србија во Советот на Европа е јасно прекршување на обврските на Србија од Охридскиот договор“, се наведува во писмената реакција од седиштето на ЕУ.
Претставниците на Брисел потсетуваат дека четвртиот член од Охридскиот договор предвидува Србија да не се противи на членството на Косово во меѓународните организации.
На 5 март, барањето на Косово да биде специјален гостин на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа ненадејно беше отстрането од дневниот ред.
Претставниците на косовската делегација кои присуствуваа на состанокот одржан во Париз оценија дека тоа е „неочекуван развој“.
Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ оцени дека ова е „мала, но значајна победа“.
Србија не го признава Косово, но преговара со Приштина за нормализација на односите под покровителство на Европската Унија. Белград се противи на членството на Косово во меѓународните организации и покрај Охридскиот договор во кој се вели дека Србија „нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација“.
Видете и ова: Брнабиќ: Барањето на Косово во Парламентарното собрание на Советот на Европа е отстрането од дневниот редДоговорот за патот кон нормализација на односите го постигнаа лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, на 27 февруари во Брисел.
Анекс за имплементација на овој договор беше договорен во Охрид на 18 март. Лидерите не го потпишаа договорот, затоа што Александар Вучиќ одби да го стори тоа.
Без оглед на недостигот на потписи, Брисел инсистира на тоа дека двете страни се обврзани да ги спроведат сите одредби од договорот.
Меѓу другото, Србија со овој договор се обврза да не го блокира членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
Косово, сепак, се обврза да формира Заедница на општини со српско мнозинство.
Договорот предвидува и еднакви права за Косово и Србија, почитување на територијалниот интегритет и неповредливост на границите, признавање на државните симболи и отворање на дипломатски претставништва на Србија и Косово во седиштата на владите на тие земји.
Но, две години подоцна, ниту една страна не ги исполни обврските од договорот.
Обврските од Охридскиот договор се составен дел од преговарачката рамка на Србија со Европската Унија од април 2024 година и составен дел од европскиот пат на Косово.