Вучиќ очекува насилство на протестите в сабота, најави и апсења

Александар Вучиќ, архивска фотографија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека очекува во сабота на 15 март, опозицијата да организира големо насилство и истакна дека сите кои ќе учествуваат во тоа ќе бидат уапсени и ќе одговараат за тоа.

За 15 март се закажани досега најголемите протести во Белград, а го најавите студентите кои блокираат и кои мирно протестираат подолго од три месеци ширум целата земја. Тие бараат кривична и политичка одговорност за загинувањето на петнаесетте лица, но и на оние кои беа тешко повредени при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад во ноември. Студентите блокираат и повеќе од 60 факултети во Србија.

„Сите кои ќе бидат вмешани во тоа ќе бидат уапсени“, изјави Вучиќ за наводно планираното големо насилство на 15 март.

Видете и ова: Студентите во блокада во Србија ги повикуваат граѓаните на генерален штрајк

„Можеби ќе ни бидат потребни 15 минути, можеби еден час, можеби два“, рече Вучиќ одговарајќи на новинарски прашања – пренесе РТС.

„Така што, државата ќе умее да се однесува како држава и тука нема никаква филозофија, а ние ќе повикаме да има мир, да не се обидуваат да бидат насилни, но јас ги знам нив и за жал, секогаш досега сум бил во право“, наведе Вучиќ.

Тој рече дека секој ден се случува насилство бидејќи „сега им е јасно сè и одлично разбираат дека нема ништо од крвава револуција. Тој уште додаде дека тие „знаат дека краен рок им е сабота“ и посочи дека се надева и очекува студентите да се повлечат.

„Тие знаат дека тоа не смее да биде ‘Денот Д’ и дека би требало да излезат од тоа“, истакна Вучиќ.

Студентите бараат кривично да бидат гонети напаѓачите на студентите и професорите за време на протестите, да се објави целата документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, но бараат и суспензија на постапките против уапсените на демонстрациите и зголемување на буџетот за факултетите за 20 проценти.