Новиот канадски премиер Марк Карни вети победа во трговската војна со Трамп

Марк Карни

Поранешниот гувернер на Банката на Канада, Марк Карни, победи во трката за нов лидер на владејачката Либерална партија и ќе го замени Џастин Трудо како премиер, покажаа резултатите објавени во неделата(9 март).

Карни ја презема премиерската функција во време кога Канада е вовлечена во трговска војна со својот долгогодишен сојузник САД , а оваа година се очекуваат и парламентарни избори.

Педесет и деветгодишниот Карни убедливо ја победи поранешната министерка за финансии Кристиа Фриланд, со 86 отсто од гласовите од нешто помалку од 152 000 членови на партијата кои гласаа.

Актуелниот премиер Трудо беше на власт повеќе од девет години, а во јануари најави дека ќе се повлече од функцијата, по наглиот пад на неговиот рејтинг, што ја принуди Либералната партија да најде нов лидер.

„Нема простор за грешка, ова е клучен момент за нашата нација. Демократијата не е дар од небото. Ниту слободата. Ниту Канада “, рече Трудо.

Неговиот наследник нагласи дека тој е најдобриот кандидат за лидерската позиција, кој ќе ја оживее партијата и ќе ги надгледува трговските преговори со Доналд Трамп.

Видете и ова: Трудо: Канада ќе воведе соодветни тарифи за американските производи

Американскиот претседател им се заканува на северните соседи со дополнителни царини кои би можеле сериозно да ја погодат канадската економија.

Победата на Марк Карни е прва победа на кандидат надвор од светот на политиката.

Иако без политичко искуство, Карни како адут го наведе своето искуство како гувернер на две централни банки, Канада и Англија, па ќе знае како да се справи со Трамп, рече тој.

Видете и ова: Трамп најави нови царини за Канада, Мексико и Кина. Што ќе се случува натаму?

Во поголемиот дел од својот победнички говор, Карни (59) го нападна Трамп, кој воведе царини за Канада и рече дека сака да ја направи земјата 51-та држава на САД.

„Американците не треба да грешат. Во трговијата, како и во хокејот, Канада ќе победи“, рече Карни, а пренесе Би-би-си.

За време на кампањата, тој ги поддржа реципрочните царини против САД и координирана стратегија за поттикнување инвестиции. Покрај тоа, тој смета дека растот на Канада под водство на Трудо не бил доволен.