Поголем дел од светската популација дише нечист воздух, при што само 17 отсто од градовите на планетата ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) за загадување на воздухот, се наведува во извештајот што го подготви швајцарската компанија за следење на квалитетот на воздухот Ај Кју Еар (IQAir).
На листата со 138 најзагадени земји во светот во 2024 година, Македонија е на 35 место со просечна концентрација на ПМ2,5 честички од 23,3 микрограми на метар кубен.
И покрај намалувањето од скоро два микро грами во годишниот просек и подобра позиција за три места во светската ранг-листа, Македонија останува втора најзагадена држава во Европа, зад Босна и Херцеговина. Таа во светската листа е на 29 место со 25,3 микрограми на метар кубен.
Србија е третата најзагадена држава во Европа, Албанија десетта, Косово е на 15 место, Бугарија на 18, а Грција на 20 место.
Видете и ова: Галопира ракот на бели дробови - 870 нови пациенти годишноКомпанијата анализирала податоци од 40 000 мониторинг станици во 138 земји и открила дека воздухот во Чад, Конго, Бангладеш, Пакистан и Индија е најзагаден. Во Индија се шест од деветте најзагадени градови, со најзагаден воздух во малиот индустриски град Бирнихат на североистокот на земјата.
Експертите забележуваат дека реалното загадување на воздухот би можело да биде многу поголемо, бидејќи многу делови од светот немаат мониторинг потребен за да се добијат попрецизни податоци. Во Африка, на пример, има само една мониторинг станица на 3,7 милиони луѓе.
„Дишењето нечист воздух во текот на долг временски период може да предизвика респираторни заболувања, Алцхајмерова болест и рак“, вели Фатима Ахамад, главен научник и експерт за последици од загадување на воздухот во малезискиот Центар за планетарно здравје - Санвеј.
Видете и ова: Загадувањето во Струмица - бизнис интереси посилни од законите?Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе секоја година. СЗО претходно откри дека 99 отсто од светското население живее на места кои не ги исполнуваат препорачаните нивоа на квалитет на воздухот.
Неколку градови како Пекинг, Сеул, Јужна Кореја и Рибник во Полска успешно го подобрија квалитетот на воздухот преку построги регулативи за загадување од возила, електрани и индустрија. Тие, исто така, промовираат употреба на почиста енергија и инвестираат во јавниот транспорт.
Неодамна објавена студија покажа присуство на високо ниво на микропластика во белите дробови на птиците, што се смета за доказ за широко распространето загадување на воздухот. Друга студија покажа дека загадениот воздух ја намалува способноста на луѓето да се фокусираат на секојдневните задачи.