Зеленски: Сега е на Русија да одлучи дали ќе се приклучи на мировниот процес

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 30-дневниот прекин на огнот потпишан од Киев на разговорите во Саудиска Арабија со посредство на Соединетите Држави (САД) може да се искористи како план за поширок договор и дека сега е на Русија да одлучи дали ќе се приклучи на мировниот процес или не.

„Сега зависи од Русија што ќе следи“, рече тој на прес-конференција на 12 март, „дали сака да ја продолжи својата агресија против Украина или не“.

Украинскиот лидер ги поздрави разговорите што доведоа до предлогот за прекин на огнот и рече дека е потребно да се наведат понатамошни чекори кои потоа би можеле да постигнат долгорочен мировен договор со безбедносни гаранции за Украина да стави крај на тригодишната војна.

Зеленски им порача на Украинците да се подготват за, како што рече, „силен информативен притисок“ и рече дека „Русија ќе направи се за да ги натера Украина и САД да се скараат“.

Москва засега одбива да ги коментира спецификите на предлогот за 30-дневен прекин на огнот, а не е јасно дали рускиот претседател Владимир Путин се одлучил за договорот.

Видете и ова: Кремљ не ја исклучува можноста Трамп и Путин наскоро да разговараат

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Москва ќе почека додека не добие подетални информации од Вашингтон, а американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон денеска „ќе има контакт со Русите“.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, рече дека ќе разговара со Путин во наредните денови за да ја обезбеди неговата посветеност, додека Сергеј Наришкин, директорот на руската служба за надворешно разузнавање, исто така имаше телефонски разговор со директорот на ЦИА Џон Ретклиф доцна на 11 март, објави новинската агенција Интерфакс.

Рубио на 12 март во своите први коментари по завршувањето на разговорите во Џеда рече дека САД се надеваат на позитивен одговор од Русија на договорот за прекин на огнот и дека „силно ги повикуваат Русите да ги прекинат сите непријателства“.

На Украина ќе и треба силно одвраќање за да спречи идни напади, рече Рубио, како и дека Европејците „ќе мора да бидат вклучени во тоа“. Тој додаде дека понатамошните дискусии треба да се однесуваат на темата за укинување на санкциите на Европската унија за руската економија.

Видете и ова: Украина се согласи на 30-дневен прекин на огнот, САД ја враќаат помошта и размената на разузнавачки информации

Москва досега беше против европските мировни сили во Украина, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повтори ставот на Москва за време на интервјуто со тројца десничарски американски блогери дека под никакви околности нема да прифати присуство на силите на НАТО во Украина.

Рубио, исто така, предупреди дека „нема да го толкува договорот за минерали како безбедносна гаранција“, мислејќи на предложениот договор на САД со Киев за критичните минерални ресурси на Украина, кој останува непотпишан по жестоката размена на зборови во Белата куќа меѓу Трамп и Зеленски.

Но, тој додаде дека „ако Соединетите Држави имаат свој економски интерес што генерира приходи за нашиот народ, како и за народот на Украина, ние би имале интерес да ги заштитиме доколку тие се оспорени или загрозени“.

Коментарите дојдоа откако Русија и Украина разменија воздушни напади во текот на ноќта, само неколку часа откако Киев се согласи да го прифати предлогот за прекин на огнот.